ПАТУВАЊЕТО ГО ЗАБАВУВА СТАРЕЕЊЕТО Покажуваат најновите истражувања

Луѓето кои патуваат не само што се чувствуваат помлади, туку и изгледаат така – покажува најновото истражување на Универзитетот „Едит Кауан“ во австралискиот Перт. Без разлика дали станува збор за откривање нови дестинации и култури или за одмор на веќе познати места, позитивното влијание врз телото и умот е исто, велат истражувачите.
Патувањето носи нови искуства – запознавање различни луѓе, пејзажи, култури и обичаи. Тоа претставува излегување од комфорната зона, што, според научниците, е клучно за менталното освежување, подобрување на социјалните вештини и позитивен поглед кон иднината. Дополнително, патувањето често носи и физичка активност, подобар сон и намалено чувство на стрес.
Истражувањето нагласува и дека љубопитноста и желбата за откривање нови култури, вкусови, звуци и стилови на живот ја поттикнуваат креативноста и ја збогатуваат имагинацијата. Речиси секое патување носи незаборавна авантура што останува како сеќавање што се прераскажува.
На крајот, истражувачите заклучуваат: секое излегување од својот град, населба или држава е „празник за умот и телото“, а по секое патување уште повеќе се цени чувството на дома.


