ИСТОРИСКИ ТРГОВСКИ ДОГОВОР МЕЃУ ЕУ И САД – Трамп доби речиси се што посака

ИСТОРИСКИ ТРГОВСКИ ДОГОВОР МЕЃУ ЕУ И САД – Трамп доби речиси се што посака

По недели интензивни и тензични преговори, Европската Унија и САД постигнаа рамковен договор за меѓусебна трговија, само ден пред новата рунда разговори меѓу Америка и Кина. Клучната пресвртница се случила по директната средба на лидерите од Вашингтон и Брисел, потврдиле извори за Би-Би-Си.

Иако изгледите за компромис биле мали, личната вклученост на американскиот претседател Доналд Трамп се покажала како решавачка. Според него, станува збор за „најголемиот договор што некогаш бил постигнат“, а администрацијата во Вашингтон веќе го слави како значајна победа.

Од европска страна, договорот се гледа како отстапка со одредени придобивки. Иако царините за извоз во САД ќе бидат зголемени на 15 отсто – наместо најавените 30 – тоа сè уште претставува влошување за европската конкурентност. Сепак, одредени клучни сектори, како фармацијата и полупроводниците, ќе уживаат поволни трговски услови. Европските производители на автомобили ќе се соочат со царина од 15 отсто, наместо глобалната стапка од 25 отсто што важеше до април.

Најголема загуба за Брисел останува металуршкиот сектор. Европскиот челик и алуминиум и натаму ќе подлежат на високи царини од 50 отсто при увоз во САД. И покрај обидите за цврст настап, Европската комисија во преговорите влезе со ограничени адути – економскиот раст е забавен, а неизвесноста висока, предупредува и Европската централна банка.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека договорот е неопходен чекор кон ребалансирање на трговските односи, кои досега беа во корист на ЕУ. Само минатата година, САД имаа трговски дефицит од 236 милијарди долари со Унијата.

Како дел од договорот, ЕУ се обврзува да купи американски енергетски производи и воена опрема во вредност од стотици милијарди долари. Според Трамп, европските инвестиции во САД ќе достигнат 600 милијарди долари, а дополнителни 750 милијарди ќе бидат вложени во американскиот енергетски сектор.

И покрај високите царини, Брисел гледа вредност во отстранувањето на неизвесноста и стабилизирањето на трансатлантската трговија. ЕУ останува зависна од САД во безбедносен и одбранбен контекст – прашања кои неизбежно влијаеле на исходот од преговорите.

Овој договор е уште еден доказ за настојувањето на Трамп да ја редефинира американската трговска политика. По неодамнешните договори со Јапонија, Обединетото Кралство, Виетнам и Индонезија, ЕУ е последниот значаен партнер што се приклучува на новата шема на американска трговска доминација.

Остануваат уште преговорите со Мексико, Канада и, секако, Кина – која е најтежок трговски ривал. Новата рунда разговори меѓу САД и Кина се одржува денес и утре во Стокхолм, со очекувања за ново привремено суспендирање на високите царини. Вашингтон во овие преговори влегува со значително зајакната позиција.

Меѓутоа, неуспехот со Пекинг би можел да ја врати светската трговија во нова етапа на пореметувања – токму во моментот кога глобалната економија бара стабилност.

CATEGORIES
Share This