ЕТИАС ЌЕ ЧИНИ ТРИПАТИ ПОВЕЌЕ – ЕУ воведува нови правила за влез, ЕЕС стартува во октомври 2025

Европската комисија официјално соопшти дека дозволата за патување за влез во ЕУ, позната како ETIAS, ќе чини 20 евра – речиси трипати повеќе од првично планираната такса од седум евра. Новата цена ќе се применува поради растот на инфлацијата од 2018 година наваму и зголемените оперативни трошоци за имплементација на техничките функционалности на системот.
ETIAS – Европскиот систем за информации и одобрување на патувања – ќе стартува во втората половина на 2026 година, а дозволата што ќе се добие преку него ќе важи три години. Пред да започне ETIAS, во октомври 2025 година се очекува активирање на системот EES (Entry/Exit System), кој ќе ги засили контролите на влез и излез од ЕУ за сите државјани од земји што не се членки на Унијата.
Системот EES е автоматизиран ИТ систем што ќе регистрира сите патници кои не се од ЕУ и патуваат на краток престој – до 90 дена во рок од 180 дена. Со секое преминување на граница, ќе се бележат податоци за времето на влез и излез, со цел да се спречи пречекорување на дозволениот престој.
EES ќе се применува на граничните премини во 30 европски земји, меѓу кои се вклучени: Германија, Франција, Италија, Шпанија, Австрија, Холандија, Грција, Унгарија, Полска, Чешка, Хрватска, Бугарија, Романија, Словенија, Шведска, Финска, Данска, Норвешка, Исланд и други.
Новите системи претставуваат значителна промена за патниците од Западен Балкан, вклучително и од Македонија, кои иако не им е потребна виза, сепак ќе мора да аплицираат и да платат дозвола за влез во ЕУ, како и да се подложат на построги гранични контроли.


