ТУНЕЛ ПУТИН-ТРАМП ПОД БЕРИНГОВИОТ ТЕСНЕЦ Дмитриев го повика Илон Маск да почне со градба
Проектот би ги поврзал Русија и Алјаска преку тунел под морето, а проценетата инвестиција е до осум милијарди долари. Засега станува збор за предлог, а не за договорена изградба.

Кирил Дмитриев, специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странство и шеф на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), денеска повика американската компанија „Боринг“ (The Boring Company), основана од Илон Маск, да започне со изградба на тунел што би ги поврзал Русија и Соединетите Американски Држави.
„Дојде времето компанијата ‘Боринг’ да почне со изградба на тунелот Путин-Трамп, кој ќе ги обедини Русија и Соединетите Држави, Евроазија и Америка“, напиша Дмитриев на социјалната мрежа Икс, пренесуваат руските медиуми.
Тој објави и прелиминарен дијаграм со идеја за тоа како би можел да изгледа тунелот под Беринговиот Теснец, кој ги разделува Русија и Алјаска.
Идејата за изградба на интерконтинентален тунел не е нова. Во октомври 2025 година, Дмитриев веќе ја спомена можноста за поврзување на Русија и Алјаска со тунел изграден со помош на технологијата на компанијата на Маск.
Тогаш процени дека проектот би чинел до осум милијарди долари и би можел да биде завршен за помалку од осум години.
Доколку биде реализиран, тунелот би претставувал огромен инфраструктурен потфат, овозможувајќи директна подземна врска меѓу Евроазија и Северна Америка. Засега, меѓутоа, станува збор за предлог и идеја, а не за потврден договор за започнување на изградбата.
ПУТИН – ТРАМП ТУНЕЛ ОД ЕВРОАЗИЈА ДО АМЕРИКА – Наместо војна на повидок ново инженерско чудо

