ЛИНЕАРНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ ЗА ЕДНАКВОСТ – Пензиите ќе растат двапати

Според законското решение, пензиите ќе се усогласат на 1 септември 2025 и 1 март 2026 година

ЛИНЕАРНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ ЗА ЕДНАКВОСТ – Пензиите ќе растат двапати
Фото: Принтскрин

Собранието на Република Македонија вчера во рамки на 63. седница, со 79 гласа „за“, без ниту еден „против“ или „воздржан“, ги усвои измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Со новите одредби, се предвидува линеарно зголемување на пензиите, најавено во износ од 2.000 денари.

Според законското решение, пензиите ќе се усогласат на 1 септември 2025 и 1 март 2026 година. Зголемувањето ќе се пресметува како збир од 50% од порастот на индексот на трошоците на живот и 50% од растот на просечната исплатена плата, а потоа добиениот износ ќе се дели на бројот на пензионери кои го стекнале правото до тие датуми.

Измените исто така предвидуваат барањето за пензија да се поднесува според местото на живеење на осигуреникот, а одлуките по управните спорови да се носат во рок од 30 дена.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Емилја Ангелова, го поздрави усвојувањето, истакнувајќи дека до септември 2025 година просечната пензија ќе изнесува 19.000 денари, а до март 2026 година 40.000 денари.

„Ова е политика на солидарност, а не на статистика. Затоа линеарно, зашто понекогаш правдата бара еднаков третман за оние што најмалку имале“, рече Ангелова. Таа додаде дека новиот модел претставува „државнички потег“ кој ги признава пензионерите како луѓе, а не како бројки.

Поддршка дојде и од СДСМ, иако со забелешки. Пратеничката Јованка Тренчевска предупреди на „опасен тренд“ во пензискиот систем. Според неа, на еден пензионер во државата доаѓаат само 1,6 осигуреници – најнизок сооднос досега.

„Трансферот од буџетот до Фондот за пензиско изнесува 53,5 милијарди денари или речиси милијарда евра – алармантен показател за нестабилноста на системот“, рече таа, додавајќи дека дефицитот постојано расте.

Заменик-министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски, ѝ реплицираше на Тренчевска, наведувајќи дека сегашната Влада покажува реална грижа за пензионерите.

„Во 2024 година, 200.000 пензионери земаа пензија под 14.000 денари. Сега, со новите зголемувања, тие ќе добијат 7.000 денари повеќе, достигнувајќи до 21.000 денари месечно“, рече Велковски, оценувајќи дека мнозинството пензионери ќе бидат „вистински задоволни“.

Собранието исто така со 63 гласа „за“ ги усвои измените на Законот за здравственото осигурување и Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

CATEGORIES
TAGS
Share This