РУБИО ПРОТИВ МАКРОН – Ова ѝ служи само на пропагандата на Хамас
Претседателот Макрон вчера најави дека Франција ќе ја признае Палестина како држава на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во септември.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, остро се спротивстави на планот на францускиот претседател Емануел Макрон за признавање на државата Палестина, оценувајќи го како удар врз жртвите од нападот на 7 октомври 2023 година.
„Оваа неодговорна одлука служи само како пропаганден инструмент на Хамас и ги поткопува напорите за постигнување траен мир – напиша Рубио на социјалната мрежа X. – Тоа е шлаканица во лицето на жртвите.
Претседателот Макрон вчера најави дека Франција ќе ја признае Палестина како држава на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во септември.
„Верен на историската посветеност кон праведен и траен мир на Блискиот Исток, одлучив Франција официјално да ја признае државата Палестина. Денес, постои итна потреба да се стави крај на војната во Газа и да се обезбеди хуманитарна помош за цивилното население – изјави Макрон.
Оваа одлука предизвика реакции и од Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху остро ја осуди најавата на Макрон.
„Признавањето палестинска држава веднаш по масакрот од 7 октомври е награда за теророт и ризикува да создаде уште еден ирански прокси – истакна Нетанјаху.


