МАКЕДОНИЈА И РЕГИОНОТ СО НАЈВИСОКИ ЦЕНИ НА СТРУЈА ВО ЕВРОПА – тоа претставува сериозен удар врз индустријата
Во моментов, цената на струјата во Северна Македонија е речиси три пати повисока од онаа во Франција, што ги отежнува условите за развој, извоз и опстанок на домашните компании.

Земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и Северна Македонија, плаќаат највисоки цени на електрична енергија во Европа, што сериозно ја нарушува конкурентноста и развојот на индустријата. Ова го потврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој посочи дека македонските производи стануваат неконкурентни на европските пазари токму поради цената на струјата.
„Нашите индустриски производи не се конкурентни на европскиот пазар поради повисоките цени на струјата“, изјави Бислимоски, укажувајќи на недостаток на транспарентност околу причините за ваквите разлики, и покрај барањата упатени до Европската енергетска заедница.
Македонија ја поддржува иницијативата на Грција, Бугарија и Романија за спроведување анализа на разликите во цените, додека енергетски интензивните индустрии од тие земји побараа поддршка од Европската комисија за надминување на инфраструктурните и пазарните бариери кои го изолираат регионот.
Еден од клучните проблеми, според Бислимоски, е прераспределбата на прекуграничните преносни капацитети, особено преку Австрија, што влијае врз протокот на струја и ценовната динамика.
Во моментов, цената на струјата во Северна Македонија е речиси три пати повисока од онаа во Франција, што ги отежнува условите за развој, извоз и опстанок на домашните компании.
Регулаторната комисија за енергетика заедно со Министерството за енергетика побараа детална анализа од Европската енергетска заедница, со цел да се предложат конкретни мерки за намалување на разликите и подобрување на конкурентноста на пазарот во регионот.


