Како првиот грчки премиер ја призна Македонија и Македонците – историски момент
Името на една држава е прашање на внатрешните околности а не на меѓународното право. Со еден збор, нашата иднина како Македонци да останеме свои на своето зависи од поведението на Република Македонија.

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Понеделник, 30 јуни 2025 година
Ниту еден од балканските народи во почетокот на XIX век се уште не бил конституиран како нација. Религиозната припадност ја определувала политичката и социјалната положба на султановите поданоци за време на турското владеење на овие простори.
На почетокот на XIX век, во Русија владеело уверување дека тоталниот крах на Турција е прашање на најблиско време.
Затоа, руската влада му дала налог на нејзиниот министер за надворешни работи со грчко потекло Иоанис Каподистриас да понуди решение кое би предвидувало основање на неколку балкански држави по распадот на Турската Империја.
Гркот Каподистриас во 1929 година предлага на Балканот да се создадат пет држави-монархии и на руската влада и го дал следниот предлог: на Балканот да се создаде една држава-федерација, составена од 5 држави од втор ранг, организирани како монархии: Кралство Србија (Србија, Бугарија, Босна), Елинско Кралство (континентална Грција, Пелопонез, островите на Архипелагот и Јонските Острови), Кралство Македонија (Македонија, Тракија, островите Имброс, Самос и Тасос) Кралство Епир (Епир, Северна и Јужна Албанија) и Кралство Дакија (Молдавија и Влашко).
Важно е што Гркот Каподистриас немал претензии да ја вклучи Македонија во Елинското Кралство, а токму на тоа одделно Македонско кралство му го дал историското име Македонија.
Не може ни да се претпостави дека Каподистриас кој бил високообразован еминентен европски дипломат со иксуство и во разузнавачките служби и секако добар познавач на работите како министер во руската влада, згрешил. Тој сигурно постапувал објективно и во согласност со реалните нешта.
Гркот Каподистриас името Македонија го предложил за една друга држава, надвор од Грција и тоа не се сметало ниту за узурпација ниту за навреда за Грција, односно фалсификување на историјата, туку сосема легитимна работа. Разликата денес е само во тоа што наместо кралство имаме Република Македонија.
Што е најинтересно, токму Иоанис Каподистриас покасно ќе биде првиот премиер на новонастанатата грчка држава во деветнаесетиот век.
Не е на одмет да спомнам дека и подоцнежниот грчки премиер Е. Венизелос на Балканскиот конгрес во 1929 година ќе го потврди постоењето на македонското малцинство во Грција. Еден друг грчки премиер, Андреас Папандреу, во говор пред грчките безбедносни структури на 4 мај 1986 во Алекдруполис јасно кажа дека Грција нема да врши притисок врз Југославија да не го употребува терминот Македонија бидејќи нивно право е како ќе се нарекуваат.
Постапувањето на овие грчки премиери е во согласност општо познатиот вековен факт дека изборот и усвојувањето на националното име не е регулирано со меѓународни норми, ниту со мултилатерални или билатерални акти и спогодби. Секоја нација има право самата да одбере и да го носи своето име. Оттаму никој нема право да обвини една држава и да и го оспорува националното име, и затоа и не постои институција до која може да се упати вакво обвинение.
Да сумирам, во историјата денеска неспорно е дека се до конституирањето на македонската нација ниеден друг народ не го носел или присвоил македонското име. Значи, во еден долг и континуиран историски процес кој трае со векови се создаваат потребните претпоставки за избор на националното македонско име како битна конституента на македонската национална свест и македонската нација. Своето име Македонија го носи непрекинато како единствена земја на Балканот, од околу VII век пр. н. е. па до денеска, речиси три милениуми.
Името на една држава е прашање на внатрешните околности а не на меѓународното право. Според тоа, сѐе јасно и појасно не може да биде. Да го повторам она што го пишувам повеќе од 20 години, треба само да ја напуштиме плашливата и дефанзивна политика воспоставена уште во 1991 и да промовираме една похрабра и офанзивна надворешна политика и резултатот ќе дојде, посебно кога сите аргументи се на наша страна и во меѓународно правно – призната и во фактичка смисла.
Со еден збор, нашата иднина како Македонци да останеме свои на своето зависи од поведението на Република Македонија.


