ДРЖАВАТА Е ПОСИЛНА – НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ АНАРХИЈА Порака од Вучиќ до организаторите на протестите
Доаѓа времето за одговорност. Нема да има помилувања, ниту прекинување на кривичното гонење за оние кои 500 пати беа предупредени да не учествуваат во насилства

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, жестоко реагираше на насилните протести кои кулминираа на Видовден, посочувајќи дека зад нив стои организиран обид за дестабилизација и поттикнување на крвопролевање.
„Седум месеци трае теророт од оние кои законот го ставија под нозе и се однесуваат како божји пратеници, со самопрогласено право да прават што ќе посакаат“, рече Вучиќ.
Според него, објавата која кружеше на социјалните мрежи со зборовите „имате зелено светло“ била директен повик за судир со полицијата и поттик за граѓански конфликт.
„Бараме од обвинителството да постапува, а не да глуми неспособност и наивност. Доаѓа времето за одговорност. Нема да има помилувања, ниту прекинување на кривичното гонење за оние кои 500 пати беа предупредени да не учествуваат во насилства“, порача Вучиќ, додавајќи дека нема да дозволи мешање на насилници со студенти кои одбиле да бидат дел од конфликтите.
Тој истакна дека се направила јасна разлика меѓу оние кои мирно протестирале и оние кои „свесно сакаа да предизвикаат хаос и крвопролевање“.
„Бог знае колку полицајци и граѓани можеа да го загубат животот синоќа. Ова не е прашање на политички став, туку на основна човечка и државна одговорност“, рече тој.
Вучиќ ја посочи и улогата на одредени лица од структурата на безбедносниот систем кои, според него, делувале од личен интерес.
„Ја знаев точната сатница кога ќе се случи насилството – само осум и пол часа подоцна од најавеното. Мислеа ли навистина дека се посилни од државата? Дефиницијата на државата е јасна – таа ја има моќта на физичка принуда. Никој не е над државата“, заклучи претседателот Вучиќ.


