„ГОСПОЃА БОВАРИ“ ПОВТОРНО НА СЦЕНАТА НА МОБ – балетска посвета за Марија Кичевска Шокаровска
Покрај Шокаровска, на сцената ќе настапат Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи, Дмитро Чеботар и Ендру Кук, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Денес, со почеток во 20:00 часот, во Македонската опера и балет ќе се одржи втората изведба на балетот „Госпоѓа Бовари“, дело во два чина инспирирано од романот на Гистав Флобер. Претставата ја истражува длабоката драма на женската душа – копнежот по страст и слобода во судир со општествените норми.
Во претставата ќе диригира Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата е на Виктор Ишчук од Украина. Музиката вклучува дела од Сен-Санс, Равел, Масне, Менделсон и Хендл, а сцената и костимите се дело на Андреј Злобин и Гана Ипатиева. Светлото го дизајнира Милчо Александров, а како концерт-мајстор и пијанист се јавуваат Климент Тодороски и Андреја Наунов.
Посебен акцент добива примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, која ја толкува главната улога на Ема Бовари. Претставата е посветена токму на неа, по повод 25 години од нејзината уметничка кариера. Во фоајето на МОБ е поставена и изложба со фотографии од нејзините најзначајни настапи.
Покрај Шокаровска, на сцената ќе настапат Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи, Дмитро Чеботар и Ендру Кук, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.


