РЕЧИСИ 25.000 ГРАЃАНИ ПРИЈАВЕНИ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП Имунизацијата почнува на 21 октомври
Пристигнаа првите 30.000 дози вакцини, а до средината на ноември се очекуваат уште 26.000. Бесплатната вакцинација ќе биде наменета за ризичните категории граѓани, додека се очекува и нова испорака на БСЖ вакцини за новороденчињата.

Речиси 25.000 граѓани досега се пријавиле за вакцинација против сезонски грип преку порталот vakcinacija.mk, покажуваат податоците од системот „Мој термин“. Според најавата на министерот за здравство Сашо Клековски, имунизацијата треба да започне во среда, на 21 октомври, со приоритет за најризичните категории граѓани.
Првите 30.000 дози вакцини веќе пристигнаа во земјава, а здравствените установи се подготвуваат за почеток на вакцинацијата. Од Министерството за здравство информираат дека станува збор за вакцината GCFLU Multi inj., произведена од јужнокорејската компанија GC Biopharma Corporation.
Станува збор за тривалентна вакцина против грип за сезоната 2026 година, која, според Министерството, ги исполнува утврдените критериуми за квалитет. За неа се обезбедени сертификат од производителот и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот во рамките на мрежата на официјалните контролни лаборатории за лекови (OMCL).
Првата пратка е обезбедена преку заем во рамките на меѓународната соработка со соседните држави, во конкретниот случај преку УНИЦЕФ и Албанија.
До средината на ноември се очекуваат уште 26.000 дози
Покрај првите 30.000 вакцини, дополнителни 26.000 дози од компанијата „Санофи“ се очекува да пристигнат до 15 ноември. Во тек се и разговорите за обезбедување уште 24.000 дози, со што планираниот вкупен број вакцини би достигнал 80.000.
Приоритетните групи за вакцинација ќе ги утврди Комисијата за имунизација, а распределбата ќе се врши преку здравствените установи и центрите за јавно здравје.
Пријавувањето е отворено преку порталот vakcinacija.mk. По пополнувањето на формуларот, граѓаните се регистрираат во системот „Мој термин“, по што треба да добијат СМС-порака со датумот и часот за вакцинација на избраниот пункт.
Бесплатната вакцинација е наменета за:
- лица на возраст над 65 години;
- лица со хронични заболувања;
- бремени жени;
- здравствени работници;
- деца на возраст од шест месеци до пет години;
- лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
Посебен акцент ќе биде ставен на заштитата на најранливите категории, вклучително и жителите на домовите за стари лица, каде што постои ризик од побрзо ширење на респираторните инфекции.
Се очекува и нова испорака на БСЖ вакцини за новороденчињата
Паралелно со подготовките за имунизацијата против сезонски грип, здравствените власти најавуваат и нова испорака на БСЖ вакцини за новороденчињата.
Според претходните најави, преку договор со УНИЦЕФ се обезбедуваат количества од јапонски производител што треба да ги покријат потребите за една година. По пристигнувањето, вакцините треба да бидат распределени до родилиштата и диспанзерите.
Употребата на претходните БСЖ вакцини беше привремено запрена како мерка на претпазливост, по одлуката во Хрватска да се прекине употребата на вакцина од истиот производител.
Хрватскиот завод за јавно здравство соопшти дека во текот на 2026 година биле пријавени четири сомневања за остеитис или остеомиелитис кај мали деца по БСЖ вакцинација. Поради неочекувано зголемениот број пријави, побарана е вонредна контрола на вакцината и испитување на можните причини.
Станува збор за пријавени сомневања за можна несакана реакција, поради кои била преземена претпазлива мерка додека траат проверките. Пријавите сами по себе не претставуваат потврда дека вакцината ги предизвикала здравствените проблеми.
Здравствените власти сега работат на обезбедување нови количества, со цел да се продолжи редовната имунизација на новороденчињата.

