МЕРАКЛИИ НА ПОБЕДИ, КОЈ НАВИСТИНА ПОБЕДИ Нетанјаху прогласи победа на Израел – Хамнеи прогласи победа на Иран
Вооружениот конфликт помеѓу двете земји избувна ноќта меѓу 12 и 13 јуни, кога Израел започна воздушна офанзива врз ирански цели, обвинувајќи го Техеран за развој на тајна нуклеарна воена програма

Денеска Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во своето прво јавно обраќање по прекинот на огнот меѓу Иран и Израел, изјави дека Техеран извојувал голема победа над Израел, кој, според него, е „лажен ционистички режим на раб на пад“.
„Му честитам на иранскиот народ за оваа голема победа над ционистичкиот режим“, порача Хамнеи. „И покрај својата ароганција и самофалба, тој режим е речиси скршен под ударите на Исламската Република“, додаде тој.
Вчера пак, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, соопшти дека неговата земја извојувала „историска победа“ во рамки на операцијата „Стоечки лав“. Тој посебно ја истакна улогата на американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека „се вклучи на начин кој досега не е виден“ и му се заблагодари за „клучната поддршка во одбраната на Израел и елиминирањето на иранската нуклеарна закана додавајќи:
„Израел никогаш немал ваков пријател во Белата куќа како претседателот Трамп. Му благодарам од срце за заедничката работа и поддршката“.
Вооружениот конфликт помеѓу двете земји избувна ноќта меѓу 12 и 13 јуни, кога Израел започна воздушна офанзива врз ирански цели, обвинувајќи го Техеран за развој на тајна нуклеарна воена програма. Метите беа ирански нуклеарни постројки, воени бази и високи функционери, вклучително и истакнати нуклеарни научници.


