Спогодбата меѓу Македонија и Грција за името е беспредметна

Според последниот пример со Палестина, предлагам Македонија да го актуализира прашањето за враќање на уставното име во рамките на Генералното собрание на ОН, каде што со гласање на мнозинството од присутните може да се врати загубеното достоинство.

Спогодбата меѓу Македонија и Грција за името е беспредметна
Фото: Национал

Колумна, Национал
проф. д-р Игор Јанев
Среда, 25 јуни 2025 година

Меѓународното право е на македонска страна и Македонија не треба едноставно да го прифати неправото така што премолчено ќе ја легализира дивоградбата „северна“.

Имајќи предвид дека државното име како државно-правен идентитет е правна категорија, која претставува есенцијален елемент на правната личност, а ова е супстанцијален елемент на државноста (со суверена власт, територија и популација), произлегува дека надлежните органи на ООН при приемот на Македонија во членство, ги пречекориле своите овластувања!

Елементи на државност во меѓународното право се: 1. суверена власт; 2. територија; и 3. популација, односно народ, кој остварува јурисдикција врз територијата што ја владее и поседува. Елементот суверена власт го вклучува и правниот субјективитет, а овој како основен елемент го содржи правниот идентитет, односно името (правниот идентитет е исто што и името)!

Заклучок од целата оваа нелегална и нелегитимна постапка со промената на името на државата Македонија е дека таквите преговори и спогодбата помеѓу Димитров и Коѕијас од 17 јуни 2018 година за името се беспредметни!

Спор е всушност замена на теза: постои непризнавање на државата Македонија од само една држава – државата со главен град Атина! Суверенитетот на државата Македонија се однесува не само на правно дефинираната територија (територијална јурисдикција) туку и на народот, односно граѓаните што живеат на таа територија и се под јурисдикција на државата Република Македонија!

Историските присвојувања и подметнувања не се и не можат да бидат предмет на спор! Решението на ова грубо кршење на домашното и меѓународното право, особено на Виенската конвенција за договорно право од 1969 година е многу едноставно!

Претседателот, премиерот или министерот за надворешни работи испраќа нота до Владата во Атина и до генералниот секретар на ООН, која гласи: „Со оваа нота, која стапува во сила веднаш, Ве известуваме дека, врз основа на членовите 46 и 53 од Виенската конвенција за договорното право од 23 мај 1969 година, Спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година се смета за раскината! Членството во ООН, Македонија го продолжува како Македонија!

Според последниот пример со Палестина, предлагам Македонија да го актуализира прашањето за враќање на уставното име во рамките на Генералното собрание на ОН, каде што со гласање на мнозинството од присутните може да се врати загубеното достоинство.

Очигледно македонскиот државен врв повеќе не е подготвен да молчи за уцените и неправдите што ѝ се нанесуваат на државата само поради некакви празни ветувања за европска иднина и за да не ги навреди меѓународните партнери, кои навикнаа на македонската сервилност, па според последните изјави што ги даваат македонските власти, очигледно Македонија е решена сама да се избори за својата позиција и во однос на ЕУ, но и во регионален контекст.

Она што е клучно, тоа е во следниот период, покрај оваа битка, да се води уште посериозна внатрешна битка за реструктурирање на системот, кој е максимално руиниран и нефункционален, така што акцентот ќе се стави на владеење на правото, силна економија и бескомпромисна борба со корупцијата.

Ова се клучните елементи што овозможуваат градење силна држава што утре ќе може решително да влезе во секаква битка за остварување на сопствените национални интереси, врз база на реципроцитет, заемна почит и исклучиво врз база на почитување на меѓународното право.

 

CATEGORIES
TAGS
Share This