ЗДРАВСТВОТО ДОБИВА 200 МИЛИОНИ ЕВРА – Еве што ќе се гради
Посетата беше организирана како дел од обележувањето на успешното завршување на веќе спроведените проекти на Детската клиника, со фокус на подобрување на здравствените услуги за децата во земјава.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, заедно со првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и министерот за здравство, Азир Алиу. Повод за посетата беше завршувањето на 11 значајни инфраструктурни и медицински проекти, насочени кон унапредување на условите за лекување и згрижување на најмладите пациенти.
„Изразувам благодарност до сите што се грижат за овој објект, затоа што тука се води борбата за здравјето на децата“ – рече премиерот Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за влијанието на договорот со Обединетото Кралство врз македонското здравство, тој истакна дека станува збор за прва фаза на инвестиција чија вредност може да надмине 200 милиони евра.
„Министерството за здравство треба да поднесе барање до Министерството за финансии за објава на тендер. Финансиските институции и банки ќе можат да изразат подготвеност за финансирање, а ќе бидат одбрани најповолните понуди“ – објасни Мицкоски.
Според него, првата фаза ќе ги опфати следните проекти:
-
Довршување на Клиничката болница во Штип,
-
Изградба на нов Медицински факултет и студентски дом со капацитет од 200 легла,
-
Изградба на нова болница и здравствен дом во Кичево,
-
Целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово.
„Ова е само почетокот. Имаме финансиска рамка и слободни средства и за втората фаза, каде што планираме реализација на долгонајавуваниот голем Клинички центар во Скопје“ – додаде премиерот.
Посетата беше организирана како дел од обележувањето на успешното завршување на веќе спроведените проекти на Детската клиника, со фокус на подобрување на здравствените услуги за децата во земјава.


