ПРЕКИНОТ НА ОГНОТ ТРАЕШЕ САМО ЧАСОВИ Израел и Иран повторно во отворена конфронтација, Трамп гневен на Тел Авив
Експертите стравуваат дека ненадејното распаѓање на примирјето може да доведе до нов, поширок конфликт, со ризик од вклучување на повеќе актери во регионот и пошироко.

Само неколку часа по прогласениот прекин на огнот, Израел и Иран повторно разменија жестоки напади, враќајќи го регионот на Блискиот Исток назад во опасна ескалација. Најновиот бран на насилство се случи по „12-дневната војна“ што ги потресе двете земји и вклучи и директно американско воено ангажирање.
Изненадувачки, претседателот на САД, Доналд Трамп, јавно ја критикуваше Израелската воена команда, обвинувајќи ја дека ја прекршила неговата наредба за почитување на прекинот на огнот.
„Не сум среќен со Израел. Кога ќе речам 12 часа до прекин на огнот, не се почнува со бомбардери во првиот час… тие мора да се смират!“, изјави Трамп, додавајќи дека се обидува да ги врати израелските пилоти назад.
Инцидентот што ја разгоре новата конфронтација е поврзан со, како што Израел го нарекува, „ненамерен напад“ од Иран, кој го искористија како повод за нови воздушни удари врз целите во близина на Техеран. Израелската армија најави дека останува во висока борбена подготвеност, повикувајќи ги граѓаните да ги следат инструкциите од Домашниот фронт.
Од иранска страна, генерал Абдулрахим Мусави негираше дека Иран го прекршил прекинот на огнот:
„Не сме испукале ниту еден проектил кон Израел во последните часови“, изјави тој. Иранските власти формално не го потврдија примирјето, иако државната телевизија извести дека е на сила.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека операцијата „Разбуден лав“ ги исполнила своите цели:
„Ја отстранивме иранската нуклеарна закана“, изјави и претседателот Херцог, додавајќи дека се работи за „успешна мисија“ која донела безбедност и за регионот и за светот – иако, како што рече, „не поминала без жртви“.
Во основата на последниот конфликт стои американскиот воздушен напад од викендот врз три ирански нуклеарни постројки, за кои Вашингтон тврди дека се „целосно уништени“. Иран реагираше со балистички напад врз најголемата американска база во регионот, лоцирана во Катар.


