РУСИЈА ЈА ОБВИНИ АМЕРИКА „Ја отворивте Пандорината кутија“ со нападот врз Иран
Ситуацијата го вклучи алармот во меѓународната заедница, со стравувања дека ново отворениот фронт би можел да доведе до широка регионална, па и глобална дестабилизација.

Русија остро реагираше на американските воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки, обвинувајќи ги САД дека ја „отворија Пандорината кутија“ и го загрозиле светскиот мир. На седницата на Советот за безбедност на ОН, рускиот амбасадор Василиј Небензја изјави дека Вашингтон повторно покажал „целосно непочитување на меѓународната заедница“ и игра со безбедноста на човештвото.
„САД не само што ги игнорираат цивилните жртви во Газа, туку се подготвени да поттикнат глобален конфликт заради интересите на својот израелски сојузник“, рече Небензја.
На 21 јуни, претседателот Доналд Трамп нареди воздушни напади врз три ирански нуклеарни постројки, вклучувајќи го и Фордо, што ја доведе Америка во директен конфликт со Иран. Официјален Вашингтон тврдеше дека нападите биле прецизни и имале за цел да го ограничат иранскиот нуклеарен капацитет.
Иран возврати дека целите на САД во регионот се сега легитимни мети и предупреди на можност од регионална војна. Во Техеран се разгледува и затворање на Ормускиот теснец – стратешки важен за светската трговија со нафта.
Од американска страна, вршителката на должноста амбасадор Дороти Шеј порача дека целта била да се „отстрани нуклеарната закана и да се помогне на Израел во колективна самоодбрана“, повикувајќи се на Повелбата на ОН.


