ОД МИНУС КОН НАПРЕДОК Темелите се поставени – сега почнува Времето на Македонија
Премиерот го нагласи предизвикот на секој нов почеток, особено кога се стартува „од минус“, но изрази увереност дека со јасен план, истрајност и заедништво, успехот е достижен.

По повод една година од формирањето на Владата, премиерот Христијан Мицкоски преку својот Фејсбук профил ја претстави работата на извршната власт, нагласувајќи дека досега се направени значајни чекори во економијата, инфраструктурата, образованието и јавната безбедност.
„За една година ги зголемивме пензиите и платите, започнавме со изградба на патишта, реализиравме над 1.2 милијарди евра странски инвестиции и вработивме 1.000 нови полициски службеници. Ова е само почеток – имаме уште многу работа пред нас“, истакна премиерот.
Мицкоски подвлече дека учебната година 2024/2025 започнала со испорачани над еден милион учебници, што, според него, се случува за првпат по седум години. Исто така, објави дека буџетот за наука за 2025 година изнесува 680 милиони денари – двојно повеќе во споредба со годинава.
На полето на екологијата, се издвоени 229 милиони денари за проекти од животната средина, а дополнителни 500 милиони евра се наменети за поддршка на бизнисот и капитални проекти во општините.
„Македонската економија е на четврто место во Европа според растот на БДП во првиот квартал – веднаш зад Ирска, Данска и Полска“, додаде Мицкоски.
Премиерот го нагласи предизвикот на секој нов почеток, особено кога се стартува „од минус“, но изрази увереност дека со јасен план, истрајност и заедништво, успехот е достижен.
„Поставуваме нови темели – за иднината која сите ја посакуваме. Тоа е борбата што секојдневно ја водиме – за просперитетна Македонија, за ред, развој и човечки вредности. Земја со која ќе се гордееме и која повторно ќе работи за своите граѓани“, порача Мицкоски.
Тој најави дека од 20:00 часот ќе се одржи отчет по повод првата година од мандатот на „Владата на промените“.
„Ова е само почеток – една година на нови темели, една година за тебе. Доаѓа времето на Македонија!“, заврши премиерот.


