ЉУБОВ, СТРАСТ И ЖРТВА „Дамата со камелии“ на сцената на Националната опера
Љубовта, страста и жртвата ќе оживеат преку балетот и музиката на Верди, со Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз во главните улоги.

На 22 октомври, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена балетската претстава „Дамата со камелии“ емотивна приказна за љубовта, страста и жртвата, раскажана преку елеганцијата на танцот и музиката на Џузепе Верди.
Инспирирана од познатата љубовна приказна за Маргарита и Арман, претставата ја прикажува судбината на двајцата главни ликови, соочени со личните жртви и општествените ограничувања. Препознатливата мелодиска убавина и емоционалната сила на музиката на Верди ја надополнуваат сценската драматургија, создавајќи впечатлива балетска интерпретација на ова безвременско дело.
Со претставата ќе диригира Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата е на Василиј Медведев, истакнат руски кореограф со соработки со реномирани балетски куќи, меѓу кои Бољшој во Москва и Марински во Санкт Петербург.
Сценографијата и костимографијата се дело на Павол Јураш од Словачка, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во главните улоги на Маргарита и Арман ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска и шпанскиот балетски уметник Франциско Хименес Руиз. На сцената ќе им се придружат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Со раскошна сценографија, впечатливи костими и кореографија што ја нагласува силата на човечките чувства, „Дамата со камелии“ ветува вечер во која музиката и танцот ќе ја раскажат приказната за љубовта што се соочува со суровоста на општествените норми.

