КАТАСТРОФА ЗА БАРСА ПРЕД ПСЖ И РЕАЛ Флик остана без клучни дефанзивци

Повредите ја десеткуваа одбраната на каталонците пред двата големи дербија, а тренерот Ханси Флик ќе мора да бара нови решенија во најлош можен момент.

КАТАСТРОФА ЗА БАРСА ПРЕД ПСЖ И РЕАЛ Флик остана без клучни дефанзивци
фото: Принтскрин

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, се соочува со сериозни кадровски проблеми пред едно од најголемите дербија во Лигата на шампионите. Каталонскиот гигант ќе гостува кај Пари Сен Жермен, но во Париз ќе пристигне со значително ослабена одбрана.

Барселона во саботата славеше убедлива победа од 5:2 на гостувањето кај Бетис, но триумфот имаше висока цена. Ерик Гарсија и Жил Кунде се повредија и, според последните информации, нема да бидат подготвени за претстојните натпревари против ПСЖ и Реал Мадрид.

Поголем проблем претставува повредата на Ерик Гарсија, кој поради повреда на бутниот мускул ќе паузира од три до четири недели. Кунде, пак, најверојатно ќе отсуствува околу седум дена.

Дополнителна загриженост предизвика и мускулната непријатност кај Џерар Мартин, но тој се очекува да биде подготвен за дуелите со ПСЖ и Реал. Во меѓувреме, Андреас Кристенсен и натаму е надвор од стројот поради претходна повреда, а неговото враќање се очекува за околу еден месец.

Поради бројните отсуства, Флик ќе мора да се потпре на преостанатите расположливи дефанзивци. Во срцето на одбраната се очекува да настапат Пау Кубарси и Џерар Мартин, додека Жоао Кансело и Чави Еспарт се меѓу опциите за бековските позиции. Алехандро Балде останува уште една можна дефанзивна опција.

Овие проблеми доаѓаат во особено незгоден момент за Барселона, која во само неколку дена ја очекуваат два исклучително важни натпревари.

Каталонците во вторник од 21 часот ќе му гостуваат на Пари Сен Жермен во третото коло од Лигата на шампионите, а во недела во истиот термин ќе го пречекаат Реал Мадрид во големото шпанско дерби.

CATEGORIES
Share This