ТРАГЕДИЈА ВО АЛЖИР Тројца навивачи загинаа при славење на титулата на МК Алжир

Голема трагедија ја засени радоста по освојувањето на шампионската титула од страна на МК Алжир, откако тројца навивачи загинаа, а околу 70 беа повредени, при несреќа на стадионот „5 јули“ во Алжир.

Инцидентот се случил по завршувањето на натпреварот со Магра (0:0), со кој МК Алжир ја потврди втората последователна титула. Според официјални извештаи, се урнала ограда во горниот дел од трибината, по што десетици навивачи паднале од горниот на долниот дел од стадионот.

Многу од повредените се хоспитализирани, а солидарност покажаа и фудбалерите и стручните тимови на двата клуба, кои донираа крв за настраданите, јавува Би-Би-Си.

Натпреварот помина во празнична атмосфера, со полни трибини и зелени чадни бомби, но доделувањето на трофејот беше одложено поради несреќата.

Претседателот на Алжир, Абделмаџид Тебун, изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и им посака брзо закрепнување на повредените.

Овој инцидент повторно ја отвора темата за безбедноста на стадионите и капацитетите за справување со масовни собири, дури и во моменти на спортска еуфорија.

CATEGORIES
Share This