СРЦАТА ОД СЛОВЕНИЈА ЧУКААТ ЗА КОЧАНИ – Хуманитарна пратка од Словенија со 4.070 силиконски лепенки
Од иницијативата дополнуваат дека се очекуваат и нови пратки со медицински материјали од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.

Во Кочани пристигнаа 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, вкупно 4.070 парчиња, како дел од хуманитарната помош за повредените во трагичниот настан во клубот „Пулс“. За ова информира Граѓанската иницијатива Support Kocani.
Како што објаснуваат од иницијативата, секоја кутија содржи по 10 лепенки, специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожата. Донацијата е овозможена благодарение на хумани сограѓани и компании од Словенија, кои се приклучиле на мисијата за помош со искрена поддршка.
„Лепенките наскоро ќе бидат предадени на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и согласно потребите на пациентите. Оваа донација е уште една потврда дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа од места од каде што најмалку ја очекуваме – од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови“, велат од Support Kocani.