КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ДОБИВА АЛТЕРНАТИВЕН ПАРКИНГ – 5 минути пеш од болницата
Во моментов се прави анализа за тоа колку пациенти користат паркинг, колку вработени се паркираат, и каде е можен простор за подобрување.

Министерството за здравство најде привремено решение за проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Според договорот склучен со компанијата „Лимак“, дел од вработените во Клинички ќе можат да ги користат паркинг-местата во гаражата на „Лимак“, која се наоѓа на пет минути пешачење од болницата.
Министерот за здравство, д-р Азир Алиу, денеска изјави дека на располагање ќе бидат ставени 300 паркинг-места, со 24-часовен пристап. Вработените ќе продолжат да плаќаат за паркирање по истите цени како досега, без дополнителни трошоци за Министерството.
„Паркингот во моментов не е мапиран, не знаеме точно каде возилата смеат да се паркираат. Направивме меморандум со ‘Лимак’ за 300 паркинг-места. Ќе има поставени табли кои јасно ќе покажуваат на кои спратови смеат да паркираат здравствените работници. Плаќаат и сега, ќе плаќаат и таму“, изјави Алиу.
Тој истакна дека на Клиничкиот центар постојат околу 700 паркинг-места, но секојдневно таму се паркираат околу 2.000 возила. Тоа создава хаос и принудува некои да паркираат и на тревници – практика која, според министерот, мора да престане.
Од 1 јули, вработените ќе може да го користат новиот паркинг. Сепак, како што рече Алиу, сè уште немаат точна методологија за тоа како да ги мотивираат вработените да се префрлат на паркирање во „Лимак“.
Министерството планира и други мерки за подобрување на пристапот и организацијата, меѓу кои и поставување на интерактивни информативни табли на самите клиники. Тие ќе прикажуваат информации за слободните паркинг-места и локации на одделни институции во рамките на центарот.
Алиу посочи дека долгорочното решение за паркирањето ќе зависи од иднината на целиот Клинички центар и неговата реорганизација. Во моментов се прави анализа за тоа колку пациенти користат паркинг, колку вработени се паркираат, и каде е можен простор за подобрување.


