НАПАД ВРЗ ИРАНСКИ РЕАКТОР – Иран бара итна осуда од ОН
МААЕ веќе апелираше до Израел да се воздржи од напади врз иранските нуклеарни објекти, нагласувајќи ја важноста на нивниот мирољубив карактер и меѓународниот надзор.

Иранската мисија во Обединетите нации упати официјално барање до меѓународната организација, повикувајќи ја да ги осуди неодамнешните израелски напади врз повеќе ирански објекти, меѓу кои и денешниот напад врз реакторот за тешка вода во Арак.
Постојаниот претставник на Иран при ОН, Амир Саид Иравани, во писмо до Советот за безбедност истакна дека меѓународната заедница – особено Советот не смее да остане нем при „отворени акти на агресија“. Тој предупреди дека молкот во услови на „широко и систематско кршење на меѓународното хуманитарно право“ претставува соучесништво, особено кога се цел на напад објекти што работат под заштита на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Според иранските извори, утринава израелските сили го нападнале истражувачкиот нуклеарен реактор за тешка вода во Арак, за кој Техеран претходно ја информирал МААЕ дека планира да го активира во текот на следната година.
Тешката вода, користена за ладење на реакторите, произведува плутониум како нуспроизвод – супстанција што потенцијално може да се искористи за производство на нуклеарно оружје.
МААЕ веќе апелираше до Израел да се воздржи од напади врз иранските нуклеарни објекти, нагласувајќи ја важноста на нивниот мирољубив карактер и меѓународниот надзор.


