МИЦКОСКИ СО СИЛНА ПОРАКА Народот не заборави, ВМРО-ДПМНЕ останува кауза за Македонија
Со завршен збор, тој уште еднаш ја потврди заложбата на ВМРО-ДПМНЕ кон Македонија како главна кауза, повторувајќи дека партијата ќе продолжи да ја следи својата историска мисија.

Со силна патриотска порака и емоционално обраќање, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја одбележа 35-годишнината од основањето на партијата, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ „постоела, постои и ќе постои за нашата единствена и најголема кауза – Македонија“.
Во обраќањето до присутните, Мицкоски нагласи дека годишнината не е само формално одбележување на годините од основањето, туку и повод за сеќавање на историскиот пат на партијата и нејзината мисија.
„Овој ден не е само празник, туку повик на одговорност, повик на надеж и повик на заедништво,“ рече тој, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е директен наследник на историското ВМРО од 1893 година.
Лидерот на партијата посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува мисијата на борба за идентитет, слобода и правда, мисија започната од илинденците, комитите и АСНОМ, чии завети, според него, се длабоко вградени во темелите на македонската државност.
„Оваа партија се разликува од другите по својата непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како најсилен стожер,“ рече Мицкоски.
Тој изрази благодарност до сите кои во изминатите децении биле дел од развојот на партијата – како истомисленици, така и оние кои размислувале поинаку, но ја споделувале истата љубов кон Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ е за многумина повеќе од партија – таа е идеја, вредности, и движење што носи промени,“ додаде тој.
Осврнувајќи се на изминатиот политички период, Мицкоски упати остри критики кон претходната владејачка гарнитура, оценувајќи дека последните седум години, додека СДСМ и ДУИ беа на власт, биле период на „катастрофално владеење, корупција и предавства“.
„Институциите беа рушевини, народот разочаран, економијата заглавена, политичарите потонати во корупција. Но народот не се откажал. Со нашето доаѓање на власт пред една година, започна нов почеток – темели на промени, темели на чесност, работа и правда,“ рече Мицкоски.
Со завршен збор, тој уште еднаш ја потврди заложбата на ВМРО-ДПМНЕ кон Македонија како главна кауза, повторувајќи дека партијата ќе продолжи да ја следи својата историска мисија.


