ПРИТИСОК ВРЗ ДРЖАВАТА ОД ОЛИГАРХИЈАТА Вратете ни ги 50 милиони евра од солидарниот данок побрзо

Да потсетиме, солидарниот данок беше воведен во 2023 година како еднократна мерка за прибирање средства за антикризни цели, со стапка од 30%. Се применуваше на компаниите со приходи над 10 милиони евра во 2022 година.

ПРИТИСОК ВРЗ ДРЖАВАТА ОД ОЛИГАРХИЈАТА Вратете ни ги 50 милиони евра од солидарниот данок побрзо
Фото: Принтскрин

Педесет милиони евра што 156 компании ги платија по основ на солидарниот данок во 2023 година, државата ќе мора да ги врати, откако Уставниот суд годинава го поништи овој закон како неуставен. Иако законскиот рок за враќање на средствата е пет години, бизнис-заедницата инсистира на побрза исплата, предупредувајќи дека одложувањето ќе нанесе штета и на економијата и на државниот буџет.

Од Министерството за финансии информираат дека се работи на модел и динамика за враќање на средствата и дека комуникацијата со стопанството е во тек.

„Бараме соодветен модалитет и динамика за враќање на средствата,“ велат од Министерството, како одговор на барањата исплатата да се реализира што поскоро.

Компаниите кои ја платија оваа давачка укажуваат на нерамнотежата – тие имаа само неколку месеци да ги уплатат милионските износи, а сега треба да чекаат до пет години за нивно враќање.

На неодамнешна средба помеѓу министерката Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на Стопанската комора, токму ова прашање било во фокусот. Претседателот на Комората, Бранко Азески, потенцирал дека ваквата асиметрија е нелогична и дека државата треба да постапи побрзо.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков, посочува дека побрзата исплата ќе има позитивен економски ефект.

„Ако државата сега ги пушти овие 50 милиони евра во обрт, во наредните пет години тие ќе се вратат преку ДДВ, данок на добивка и придонеси. Се проценува дека годишно ќе се вратат од 8 до 12 милиони евра,“ вели Бошков.

Тој предупредува дека одложувањето ќе значи загуба, а не заштеда за државата.

Бошков укажува и на погрешната перцепција дека поголемите компании можат лесно да ја издржат ситуацијата поради поголема ликвидност.

„Без оглед на големината, секој бизнис има потреба од свеж капитал. Без ликвидност нема ниту инвестиции, ниту развој. Навремено враќање на парите е во интерес на сите,“ истакнува тој.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи потсетува дека иако компаниите имаат право да бараат враќање на средствата, конечната одлука ја носи државата.

„Како што донесе закон што беше противуставен, така сега може и да одолговлекува со враќањето. Бизнисот тоа го знае од искуство,“ вели Димитров.

Тој смета дека треба да се отвори и прашањето за одговорноста на носителите на законот, за кои како што вели било познато дека уредбата може да биде поништена.

Да потсетиме, солидарниот данок беше воведен во 2023 година како еднократна мерка за прибирање средства за антикризни цели, со стапка од 30%. Се применуваше на компаниите со приходи над 10 милиони евра во 2022 година.

Законот предизвика бројни реакции, а Уставниот суд го укина поради ретроактивност, нарушување на правната сигурност и загрозување на конкурентноста на домашните компании.

CATEGORIES
Share This