СТАРОТО КИНО, НОВА ЕНЕРГИЈА Битола добива модерен културен простор
Реконструкцијата ќе започне за една недела, информираше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, за време на неговата посета на Битола заедно со премиерот Христијан Мицкоски.

Поранешното кино „Партизан“ при Народниот театар во Битола ќе добие нов, современ лик. Објектот ќе се реконструира и ќе прерасне во мултифункционален центар кој ќе може да се користи како кино, театар, галерија за изложби и за други културни и јавни настани. Покрај тоа, објектот ќе биде и самоодржлив.
Реконструкцијата ќе започне за една недела, информираше министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, за време на неговата посета на Битола заедно со премиерот Христијан Мицкоски. Министерот соопшти дека договорите со изведувачите и надзорниот орган се веќе потпишани, а за реализацијата на проектот се одобрени 96 милиони денари.
Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека во моментов во Битола се активни 10 градилишта, дел од нив се во завршна фаза, а дел во почетна, со цел исполнување на ветувањата кон граѓаните, особено во делот на инфраструктурата.
Во рамки на посетата беше извршен увид и на други градежни активности:
-
изградбата на спортско-рекреативниот центар, познат како боксерска сала,
-
дооформувањето на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“,
-
изградбата на три нови детски градинки,
-
како и проширувањето на влезот во Битола од правецот Прилеп – Скопје, каде се работи на нов булевар долг 1,3 километри.
Премиерот Мицкоски истакна дека Битола останува еден од приоритетите на Владата.
„Се завршува топлификацијата, започнува изградбата на пречистителна станица, се градат улици, булевари, паркови, училишта и градинки. Инвестициите што доаѓаат во Битола надминуваат 100 милиони евра. Битола беше и ќе остане во фокусот на нашите политики“, порача премиерот.


