ДОГОВОРОТ И ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА КАКО ЕДИНСТВЕНА ОСНОВА Бугарската позиција останува непроменета
Радев додаде дека Бугарија, како членка на ЕУ и иден претседавач со иницијативата за соработка во Југоисточна Европа, останува конструктивен и одговорен партнер во поддршката на европската интеграција на регионот

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека Бугарија никогаш не поставила, ниту ќе постави услови што се надвор од веќе постоечките рамки – Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година, двата протоколи кои произлегуваат од него и Преговарачката рамка од 2022 година, одобрена со европски консензус и прифатена од властите во Северна Македонија.
На новинарско прашање дали Бугарија има цврста гаранција дека нема да бара нови условувања откако бугарите ќе бидат внесени во македонскиот Устав, Радев одговори:
„Сакаме што побрзо да се почитува сѐ што е предвидено во тие документи. Станува збор за човекови права – веќе три години чекаме да се отвори процесот на пристапување и да почнат преговорите со Северна Македонија, вклучувајќи ја и уставната промена. Прашањето е: зошто тоа сѐ уште не се случува?“
На заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и албанскиот претседател Бајрам Бегај, Радев нагласи дека не станува збор за вето или забавување од страна на Бугарија:
„Овде не се работи за блокада, туку за внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото. Како блиска и пријателска земја, Бугарија е подготвена да помогне вашето раководство и општество да ги применат Копенхашките критериуми со забрзано темпо.“
Радев додаде дека Бугарија, како членка на ЕУ и иден претседавач со иницијативата за соработка во Југоисточна Европа, останува конструктивен и одговорен партнер во поддршката на европската интеграција на регионот:
„Нашата цел е заедничка: сите земји од регионот да се приклучат кон Европската Унија. Бугарија ќе продолжи да ги поддржува овие процеси со конструктивна надворешна политика.“


