28 МАКЕДОНЦИ БАРААТ ЕВАКУАЦИЈА ОД ИЗРАЕЛ – Владата испраќа авион

Министерството за надворешни работи вчера упати апел до сите македонски државјани во Израел и Иран да стапат во контакт со надлежните институции доколку имаат потреба од конзуларна помош.

28 МАКЕДОНЦИ БАРААТ ЕВАКУАЦИЈА ОД ИЗРАЕЛ – Владата испраќа авион
Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на прес-конференција информираше дека вкупно 28 македонски државјани се пријавиле за евакуација од Израел. Евакуацијата ќе се изврши со владиниот авион.

Муцунски посочи дека најдоцна до утре осум државјани, меѓу кои четири деца, ќе бидат префрлени во Египет, од каде, со авион на Владата и со придружба на безбедносен конвој, ќе пристигнат во Скопје.

„Веднаш по ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток, преку нашата амбасада во Израел беа преземени активности за евакуација на македонските граѓани. Формиран е и кризен штаб за нивно безбедно извлекување. Очекуваме првата група да се префрли на безбедна територија денес или утре“, изјави Муцунски.

Според него, втората група ќе биде евакуирана веднаш по нормализирањето на авионскиот сообраќај од Тел Авив, исто така со поддршка од владата.

Министерот истакна дека на територијата на Израел моментално се наоѓаат околу 100 македонски државјани, но само 28 досега побарале евакуација.

И премиерот Христијан Мицкоски претходно потврди дека владиниот авион ќе се користи за евакуација на македонски граѓани.

„Секојдневно сум во контакт со министерот Муцунски. Се прави детален план за евакуација на граѓаните, најверојатно преку Египет. Очекувам процесот да заврши најдоцна утре“, рече Мицкоски.

Министерството за надворешни работи вчера упати апел до сите македонски државјани во Израел и Иран да стапат во контакт со надлежните институции доколку имаат потреба од конзуларна помош. Исто така, ги повика граѓаните да избегнуваат патувања кон овој регион сè додека не се подобри безбедносната состојба.

Контакти за помош и асистенција

Амбасада на РСМ во Тел Авив
📞 Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
📧 Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
📞 Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
📧 Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk

Министерството соопшти дека кризниот штаб работи 24 часа дневно и е достапен за секоја форма на поддршка, помош или асистенција.

„Ги повикуваме сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони, доколку им е потребна помош, без одлагање да се јават на наведениот СОС контакт“, се наведува во соопштението.

CATEGORIES
TAGS
Share This