ПЕТ СТОЛБОВИ ЗА НОВ, ЕФИКАСЕН ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ – Бесплатни медицински проверки за граѓаните над 40 години

Тој најави изградба на стабилен и политички независен здравствен систем, базиран на пет стратешки столбови

ПЕТ СТОЛБОВИ ЗА НОВ, ЕФИКАСЕН ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ – Бесплатни медицински проверки за граѓаните над 40 години
Фото: Влада

Новиот министер за здравство, Азир Алиу, најави темелна реформа со цел создавање на систем во кој лекарите ќе можат непречено да ја вршат својата работа, а пациентите да добиваат квалитетна здравствена услуга. Тој вети решавање на долгогодишните, нерешени проблеми кои биле игнорирани или одложувани на сметка на пациентите.

„Не сум лекар и нема да оперирам срце – но ќе креирам систем во кој лекарите ќе можат да го сторат тоа со соодветни услови, опрема и простории“, изјави Алиу.

Тој најави изградба на стабилен и политички независен здравствен систем, базиран на пет стратешки столбови:

-Првпат ќе се изработи целосна мапа по региони и општини, која ќе покаже каде недостигаат лекари, опрема или функционални центри. Инвестициите ќе се темелат на реални потреби.

-Ќе се воспостави дигитална платформа за следење на перформансите на здравствените установи. „Бројките повеќе нема да се кријат по фиоки“, порача министерот.

-Фокус на обука на медицинскиот персонал и јасно раздвојување меѓу здравствените и менаџерските функции во установите.

-Болниците ќе се финансираат според бројот и ефикасноста на третманите. Се најавува и национална програма за рана превенција „Порано подобро – превенцијата започнува со тебе“.

Секој граѓанин над 40 години ќе има право на бесплатни превентивни прегледи за дијабетес, хипертензија и кардиоваскуларни болести.

-Процесот на дигитализација ќе вклучи и интеграција со европските здравствени платформи.

Министерот најави и итни мерки за подобрување на одговорот при кризни ситуации.

„За еден месец ќе имаме работни групи за справување со различни видови несреќи – било да се од човечки фактор или природни катастрофи“, изјави тој.

Во контекст на неодамнешниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Алиу најави посета на градот и средба со директорката на болницата за лично да се информира за состојбата на повредените пациенти и нивните семејства.

Во разговорите со директорите на клиниките, истакнато е дека главниот проблем останува недостатокот на кадар. Алиу најави дека најпрво ќе се продолжат договорите на оние кои веќе работат, а потоа ќе се вработуваат и нови кадри според реалните потреби.

CATEGORIES
TAGS
Share This