АЛЕРГИЈА НА СОНЦЕ Како да се заштитите и кога е најопасна
За да избегнете појава или влошување на симптомите, следете ги овие основни препораки

Изложеноста на сонце може да предизвика сериозни реакции кај луѓето со чувствителна кожа, особено кај оние што имаат алергија на сонце. Иако кремите со заштитен фактор (SPF) се одлична прва линија на одбрана против УВ-зраците, тие не нудат целосна заштита – особено не за кожата која реагира дури и при краткотрајно изложување на сонце.
Важно е да се има на ум дека „изложување на сонце“ не значи само сончање на плажа. Дури и кратко седење на тераса, во двор или прошетка во сончев ден може да предизвика проблеми ако кожата е осетлива.
Кај луѓето со алергија на сонце, првите симптоми – како црвенило, флеки, чешање или осип обично се појавуваат на деловите од телото кои најмногу се изложени. Ако не се реагира навреме, реакцијата може да се прошири и на останатите делови од телото.
За да избегнете појава или влошување на симптомите, следете ги овие основни препораки:
-
Избегнувајте директно сонце помеѓу 10 и 16 часот, кога УВ-зраците се најсилни.
-
Носете заштитна облека: капа или шешир со широк обод, очила за сонце и лесна облека што ја покрива кожата.
-
Редовно нанесувајте крема со висок SPF (најмалку SPF 30), особено на чувствителни или често „заборавени“ делови – уши, тил, стапала.
-
Избегнувајте парфеми и козметика со алкохол непосредно пред изложување на сонце – тие можат да ја иритираат кожата и да предизвикаат посилни реакции.
Со редовна заштита и внимателност, дури и чувствителната кожа може да биде безбедна на сонце. Ако симптомите продолжат или се влошат, консултирајте се со дерматолог.


