КИНА СО ОСТРА РЕАКЦИЈА Израелските напади врз Иран се опасен преседан
Официјален Пекинг и понатаму се залага за мирно решавање на сите спорови преку дијалог и меѓународна соработка, подвлекувајќи дека унилатерални воени акции го поткопуваат глобалниот поредок и ја нарушуваат работата на дипломатските процеси.

Кина изрази длабока загриженост и остро несогласување со неодамнешните израелски напади врз иранските нуклеарни постројки, оценувајќи ги како сериозна закана по регионалната и глобалната безбедност.
Во разговор со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји порача дека ваквите напади претставуваат „опасен преседан“ кој може да има „потенцијално катастрофални последици“.
„Нападот е особено неприфатлив во момент кога меѓународната заедница сè уште се обидува да најде политичко решение за иранската нуклеарна програма“, изјави Ванг, додавајќи дека Кина ги повикува сите земји со влијание врз Израел да дејствуваат итно за да се спречи понатамошна ескалација.
Кинескиот министер потенцираше дека е неопходно веднаш да се преземат дипломатски чекори со цел да се зачува стабилноста на Блискиот Исток и да се избегне влошување на безбедносната ситуација.
„Потребни се итни и одговорни мерки за да се спречи регионот да потоне во нов бран насилство и нестабилност“, предупреди Ванг.