ПРЕМИЕРОТ ПОТВРДИ Артан Груби кукавички ја напуштил државата со дипломатски таблици
Премиерот го нарече бегството на Груби „кукавички чин“ и порача дека институциите прават сè што е во нивна моќ бегалците од правдата да бидат пронајдени и вратени во земјата.

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека постојат индиции оти поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа во регионот, откако ја напуштил земјата со возило со дипломатски ознаки.
„Потерницата е испратена и очекуваме одговор од државите-партнери каде се наоѓа Груби. Според информациите што ги имам, возилото со кое ја напуштил Македонија било со дипломатски таблици, управувано од почесен конзул на една странска држава. Тоа лице подоцна беше повикано на информативен разговор“, рече Мицкоски во гостувањето на ТВ Алсат.
Премиерот го нарече бегството на Груби „кукавички чин“ и порача дека институциите прават сè што е во нивна моќ бегалците од правдата да бидат пронајдени и вратени во земјата.
„Не е само Груби во бегство. Има уште лица кои се недостапни за органите на прогонот. За сите постојат индиции каде се наоѓаат – некои се во регионот, некои подалеку. Без разлика на тоа, државата ќе преземе сѐ што е потребно тие да се соочат со правдата“, истакна Мицкоски.


