ГУВЕРНЕРОТ СЛАВЕСКИ АЛАРМИРА Автопатот Бехтел и Енка ќе чини над 5 милијарди евра

Славески истакна дека не знае точно што било пресудно за неговиот избор, но верува дека клучни фактори биле неговото 40-годишно искуство како професор, јавниот интегритет и фактот дека никогаш не бил вмешан во афери или скандали.

ГУВЕРНЕРОТ СЛАВЕСКИ АЛАРМИРА Автопатот Бехтел и Енка ќе чини над 5 милијарди евра
Фото: ТВ 21

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, гостуваше во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21, каде што говореше за својот избор на функцијата, актуелните економски предизвици, проектот со Бехтел и Енка, како и прашања поврзани со каматните стапки, јавниот долг и минималната плата во земјава.

Славески истакна дека не знае точно што било пресудно за неговиот избор, но верува дека клучни фактори биле неговото 40-годишно искуство како професор, јавниот интегритет и фактот дека никогаш не бил вмешан во афери или скандали.

„Сум работел чесно, одговорно и во согласност со законите и Уставот“, рече тој.

На прашањето дали му пречи што неговиот избор не доби поширок политички консензус, Славески одговори дека тоа не му претставува проблем.

„Од 90-тите имам спротивни ставови со СДСМ, и тоа е познато. Јас сум изложен во јавната сфера долго време“, додаде гувернерот.

Во однос на референтната каматна стапка, која моментално изнесува 5,35%, Славески истакна дека иако е сè уште висока, постои простор за олеснување до крајот на годината – доколку условите тоа го дозволат.

Славески нагласи дека според податоците на Евростат, куповната моќ на минималната плата во Македонија е повисока од онаа во десет земји-членки на Европската Унија.

„Во Скопје можете да пиете еспресо за 50 денари – тоа не е можно во многу други земји,“ посочи тој.

Сепак, предупреди дека значењето на минималната плата се искривува:

„Минималната плата никаде не значи дека може да се издржува четиричлено семејство. Јас и самиот сум работел за минимална плата додека студирав во Бостон – тоа не е срамота, но целта е да не останете таму.“

Гувернерот беше критичен кон проектот со Бехтел и Енка, укажувајќи дека реалната цена ќе биде значително повисока од првично предвидената.

„Требаше Груби да ги испланира тие средства пред да потпишува. Иако е наведено дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра, јас очекувам сумата да надмине 5 милијарди – два до три пати повеќе.“

Славески предупреди дека јавниот долг пораснал за 10 процентни поени за време на пандемијата, а секое ново задолжување мора внимателно да се испланира. Тој очекува британскиот кредит за Бехтел и Енка да се реализира суксесивно и дури од 2025 година, во зависност од напредокот на проектите.

Проекцијата за економски раст од 3% во 2025 и 4% во 2026 година, според Славески, е реална, но не и доволна за значаен напредок на македонската економија. Тој посочи дека индустриското производство е позитивен сигнал, но дека се потребни повисоки стапки на раст.

На крај, Славески се изјасни против долгорочно замрзнување на трговските маржи, посочувајќи дека тоа не носи резултати.

„Нема ефект. Нема модел, ни регулатор за малопродажни цени – тоа не постои никаде во светот,“ заклучи гувернерот.

CATEGORIES
TAGS
Share This