ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА РОСОМАН ЈА ОТРФЛА КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА Политички притисок пред избори
Николов категорично ги отфрли сите наводи од пријавата, нагласувајќи дека ниту досега, ниту понатаму ќе се занимава со фалсификати. Според него, пријавата е обид за дискредитација на неговата работа и на локалната самоуправа.

Градоначалникот на општина Росоман, Стојан Николов, денеска на прес-конференција остро реагираше на кривичната пријава поднесена против него од страна на Управата за финансиска полиција, нарекувајќи ја политички мотивиран притисок во пресрет на претстојните избори.
Николов категорично ги отфрли сите наводи од пријавата, нагласувајќи дека ниту досега, ниту понатаму ќе се занимава со фалсификати. Според него, пријавата е обид за дискредитација на неговата работа и на локалната самоуправа.
„Општината ја водам чесно и одговорно. Обвиненијата за злоупотреба на службената положба се целосно неосновани. Сите средства се користени исклучиво за потребите на Општина Росоман, Советот, локалните манифестации и социјални пакети. Сè е предвидено во буџетот и усвоено со завршна сметка“, изјави Николов.
Тој посочи дека е подготвен да соработува со обвинителството и да приложи релевантна документација за да ги докаже своите тврдења.
„Очекувам Јавното обвинителство да ја отфрли оваа пријава. Моја единствена цел е доброто на граѓаните и развојот на општината“, додаде градоначалникот.
Николов го искористи настапот и за да упати критика кон институциите, посочувајќи дека пред две недели во општината бил извршен упад од страна на МВР за, како што рече, документи што се добиваат по службена должност. Тој обвини дека и отварањето на новиот дел од градинката било блокирано поради недобивање согласности од надлежните институции.
Национал вчера информираше дека Управата за финансиска полиција, против Николов поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци за фалсификување службени исправи и злоупотреба на службена положба. Како што се наведува, градоначалникот изготвил шест лажни јавни исправи – четири одобренија за градење и две за реконструкција на улици кои ги употребил како вистински, со што, според Управата, противзаконски биле искористени вкупно 35.897.901 денар од различни буџетски извори, вклучувајќи го Министерството за транспорт и Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.
Дополнително, Николов се сомничи дека ненаменски користел средства од буџетот на општината за трошоци за репрезентација, гориво и прехранбени производи, при што, според наводите, на општинскиот буџет му нанел штета од речиси 2,9 милиони денари.
Јавното обвинителство засега не се произнесе по поднесената кривична пријава.


