ВО СПОМЕН НА ИЛИЈА ТАШЕВ-ИКЕ (1950 – 2025) Кога другарот си заминува зборовите не се моќни!
П.С. Овој текст, (во скратена верзија), беше искажан на последното испраќање на Илија Ташев-Ике на 5 јуни 2025 г. на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Национал го пренесува интегрално текстот на еминентниот македонски писател на книжевност за деца и млади Горјан Петревски, на последното испраќање на Илија Ташев – Ике.
…Не ми се верува дека Големиот другар на многумина што го познававме, (но и Човек!), одеднаш ни заминува и (не) си оди од ова мноштво што дојдовме да се збогуваме. Не го забораваме и ќе се сеќаваме дека бил и останал со нас, но и ќе веруваме дека душите, еднаш, во некој виртуелен простор, пак ни се сретнуваат.
А ни замина неочекувано, од нога, (нешто подмолно се случи во него и одеднаш му го урна здравјето!), иако вербата дека се’ ќе помине и се’ ќе биде по старо, до последниот миг не го напушти. Зашто, Илија Ташев, нашиот Ике, имаше не само љубов, туку возвишен култ кон животот, полн со оптимизам и секогаш со верба не само во себе, ами и во луѓето.
Оддаден спортист со гранитен дух и непоколеблив карактер, (а дипломиран економист по професија), кој заслужи мошне долг, а не и прекинат живот, полн со содржина и предизвици. Сетики, живееше, одговорно и без пороци. Тренер на голем број каратисти во тренерската кариера, (а влезе и во аикидо, заедно со Дејан, како главен тренер и мајстор во оваа популарна вештина кај младите.)
Всушност, сиот живот беше неподелено оддаден на големата маѓија на боречките спортови. Тој, Големиот Зевс, (така го именуваа оние од неговата бранша!), со почесен црн појас седми дан, а како тренер, создаде голем број успешни каратисти. Низ својот живот, не помина ниту ден без тренинг! Тоа го правеше секојдневно со посебна љубов, но и со зачудувачка одговорност на која секој можеше ем да му позавиди, ем да му се одушеви.
…Со години, добри два часа, секојдневно бевме во движење и по патеките на градската, но, сепак, пространа и бујна „Парк – шума Гази Баба“. И по дожд, и по снег, а доцна наесен, во куси денови, честопати и навечер, (кога Јанко Бачев не ќе можеше денски да ни се придружи), без прекин и застој. Тој, Ике, Зевс(от), растен уште од дете во закрила на шумата, беше познавач, (а и јас покрај него), на секоја врвица во Гази Баба, море, тукуречи, на секое дрво, aма и обележје, (како што е Турбето на Ашик Челеби од 16 век), на врвот на Гази Баба. (Некои од многуте патеки сами ги разгазувавме и ги создававме, именувајќи ги по свое, за да бидат „само наши“!) Се грижевме и за калемените дрвца, (беа околу 300 на број, кое јаболкници, кое круши, ама и црешни!), што ги облагородуваше низ шумата човекот со „златни раце“ Абедин калемарот.
…Честопати ќе се сретневме по патеките низ шумата и со Градоначалникот Коце Трајановски, кому му посочивме можно место каде што Блаже Конески, можеби, ја напишал песната „Скопје“, единствена од голем поет во која е опеана Гази Баба. (По кусо време Градоначалникот „дал наредба“ да се направи дрвена куќичка која ни послужи за средби со ученици во програмата за Книжевната манифестација „Есен во Гази Баба“ на тема „Есеј во есен“.)
Напати ќе ни се придружеше и Ванчо Јосифовски, уставен судија, негов другар уште од детските години. Ама и Боки докторот, наш пријател, потоа Јуско шејбаба, Зоран, познавач на треви и билки. Допиравме и во Раштак, кај неговите пријатели Перо од Радишани и Димче козарот, човек, кој го напуштил големиот град и дошол да одгледува кози на падините од Скопска Црна Гора. А често беше спомнуван и Драган (наречен Жиле), упатен човек од нашата населба Железарница…
…Всушност, Илија Ташев-Ике, беше фанатично приврзан за природата. Во секој поглед, необична појава, легенда по свој терк и по сопствена команда, храбар да се соочи со секоја тешкотија во животот. И никогаш во ништо да не се предава и да верува дека за се’ има решение. Но и за здравјето, се разбира. Оптимист, не само со верба во себе, туку и во оние што ги сакаше и почитуваше. А и со врвна спортска и животна дисциплина, дури до зачудување и кај оние што добро го познававме.
Еден од нив бев и јас, та и мене ми стана предизвик со своите карактерни и спортски особини, така што го внесував како впечатлив лик и во она што го создавам како литература и творештво. Надвор од тренерската определба, интересирањето го насочуваше и кон други спортови, а беше љубопитен и за она што го работам јас.
Патем, пишуваше и објавуваше колумни на теми во кои ќе може да го излева сето свое родољубие и македонштина, во портали, под псевдонимот Илија Мајсторов. Во таа насока, беше приврзаник и активист на партијата „Единствена Македонија“, со нескриен пиетет кон нејзиниот лидер Јанко Бачев, а не му беа туѓи и партиите со нагласено родољубива конотација. Во секој случај, необична појава, подготвен да помогне секому што ќе му се обрати за помош. А во најголем број случаи, му успеваше и да изнајде решение…
…Каратистот Илија Ташев, познат како Ике (или мајстор Зевс!), беше другар каков што секој би посакал. Голем и одговорен работник, овластен сметководител на повеќе фирми, ангажиран и во Независниот полициски синдикат во претседателскиот мандат на Гоце Делчев Тодев, со секојдневни обврски во годините по одењето во пензија, во која се пензионира како раководно лице во Клиничкиот центар/ Државна болница. Во се’ успеваше навреме да стигне.
Приврзан за семејството, за сопругата, (од Трајанка… Тале си ја нарекуваше!), за синот Ненад/Нено и ќерката Надица со нејзиниот сопруг Методија/Мето, а најсреќен со внуците Каја и Симон, кои сакаше и настојуваше да му бидат и спортисти. Во се’ беше победник, не се предаваше и храбро, тукуречи од нозе си замина, не’ непушти, иако до последен миг ни тој, а ни ние – не верувавме дека тоа ќе се случи…
Нека му е славата вечна и неминлива! 5 јуни 2025 г. Горјан Петревски
П.С. Овој текст, (во скратена верзија), беше искажан на последното испраќање на Илија Ташев-Ике на 5 јуни 2025 г. на Градските гробишта Бутел во Скопје.


