ПОЛИЦИСКИ ЧАС ВО ЛОС АНЏЕЛЕС Маринци на улиците повеќе од Ирак и Сирија
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со испраќањето војници во Лос Анџелес го спасил градот од уништување.

Градот Лос Анџелес воведе полициски час во централното градско подрачје, кој важи од 20:00 до 6:00 часот по локално време, објави градоначалничката Карен Бас. Полицискиот час најверојатно ќе трае неколку дена, додаде таа.
Полициската управа во Лос Анџелес синоќа соопшти дека започнале масовни апсења поради продолженото собирање на неколку групи демонстранти во зоната под полициски час. Според податоците, во последните четири дена уапсени се најмалку 378 лица, од кои речиси 200 само во средата, изјави началникот на полицијата Џим Мекдонел.
„ABC News“ јави дека во Лос Анџелес се распоредени околу 4.800 припадници на Националната гарда и маринци – повеќе од бројот на американски војници во Ирак (2.500) и Сирија (1.500) заедно. Околу 700 маринци се на готовност во близина на градот и минуваат дополнителна обука за евентуално распоредување во текот на протестите.
Федералниот суд неодамна го одби барањето на Калифорнија за вонредна забрана против интервенција на федералните сили, вклучително и распоредување на маринците и Националната гарда.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, во телевизиско обраќање рече дека „демократијата е нападната“ и ги критикуваше Конгресот и претседателот Доналд Трамп, тврдејќи дека „владеењето на правото е заменето со владеењето на Дон“. Неговите изјави предизвикаа остри реакции од администрацијата на Трамп, која го обвини Њусом за политички мотивирани тврдења и ја нападна Демократската партија.
Њусом ги повика граѓаните да ја бранат демократијата, но истовремено ги предупреди да ги остваруваат правата од Првиот амандман на мирен начин.
Протестите кои почнаа по имиграциските рации во понеделникот, се проширија и во други американски градови, како Сан Франциско, Санта Ана, Далас и Остин.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со испраќањето војници во Лос Анџелес го спасил градот од уништување.


