ФИЛИПЧЕ ОД АТИНА Преспанскиот договр на Заев и Ципрас е визионерски, во Македонија владее авторитарна влада
Во рамки на панел-дискусијата посветена на улогата на прогресивните сили, Филипче нагласи дека Договорот од Преспа останува клучен доказ дека со визија и лидерство можат да се решат децениски спорови.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера за првпат јавно изјави дека во Северна Македонија владее десничарска авторитарна влада која ја спречува земјата да напредува кон Европската Унија. Оваа изјава тој ја даде на Втората меѓународна конференција во Атина, организирана од Институтот „Алексис Ципрас“ јавуваат меиумите.
Во рамки на панел-дискусијата посветена на улогата на прогресивните сили, Филипче нагласи дека Договорот од Преспа останува клучен доказ дека со визија и лидерство можат да се решат децениски спорови.
„Договорот од Преспа е значаен затоа што покажува дека со визија и лидерство, како она на Ципрас и Заев, можат да се надминат длабоки разлики. Тој договор го реши долгогодишниот спор меѓу Северна Македонија и Грција и овозможи нашата земја да стане членка на НАТО. Но, за жал, сè уште не сме членка на ЕУ. Денеска сме соочени со десничарска авторитарна власт која не сака да ја придвижи земјата напред. Тоа е како да ја примивме првата доза со НАТО, но ја немаме втората – членството во ЕУ“, изјави Филипче.
Тој предупреди и на опасноста од авторитарни режими, не само во Европа туку и пошироко, посочувајќи дека демократијата е во криза веќе подолг период. Според него, прогресивните сили треба да се вратат кон својата основа – работничката класа.
„Мора да се вратиме кај нашите традиционални гласачи – работниците. Во последните изборни циклуси многу од нив гласаа за радикалната десница, не затоа што се фашисти, туку затоа што чувствуваат дека сме ги заборавиле. Тоа е парадокс кој мораме да го разбереме и надминеме“, потенцираше Филипче.
Тој исто така укажа на влијанието на хибридната војна и хибридните инструменти што, како што рече, се наоѓаат во рацете на авторитарните влади и се закана за демократијата.
За време на престојот во Атина, Филипче ќе оствари средба и со лидерот на СИРИЗА, Сократис Фамелос.
Конференцијата годинава е фокусирана на демократијата и социјалната правда, а освен Филипче, присутен е и поранешниот премиер Зоран Заев. Тој, заедно со домаќинот Алексис Ципрас, ја додели „Преспа наградата за мир“ на режисерите на документарниот филм „No Other Land“, кој го прикажува уништувањето на палестинската заедница на окупираниот Западен Брег.


