САКАШ ДА ГЛУМИШ НИНЏА ВО СООБРАЌАЈ Ќе останеш без кола

Во гостување на Македонската радио телевизија (МРТВ), Тошковски истакна дека целта на новите мерки е зголемување на безбедноста на улиците и автопатиштата во земјата

САКАШ ДА ГЛУМИШ НИНЏА ВО СООБРАЌАЈ Ќе останеш без кола
Фото: Принтскрин

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека од 1 јануари 2026 година стапува во сила „Сејв сити“ системот, кој предвидува драстични санкции за безобѕирно управување со моторни возила, вклучително и трајно одземање на возилото, без оглед на неговата вредност.

Во гостување на Македонската радио телевизија (МРТВ), Тошковски истакна дека целта на новите мерки е зголемување на безбедноста на улиците и автопатиштата во земјата.

„Оние што мислат дека можат да изигруваат нинџи низ Скопје и македонските автопатишта, ќе останат без возило. Без оглед дали се работи за обично возило или за ‘Ферари’, ќе биде одземено и ставено во функција на институции како Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика или дури и детската градинка ‘Цветче’“, изјави Тошковски.

Министерот најави и дигитализација на процесот за казнување – прекршоците ќе се доставуваат директно на мобилен телефон. Доколку се работи за помал прекршок, ќе следува парична казна. За потешки прекршоци ќе се оди на суд, каде може да биде изречена и забрана за управување со возило.

„Ќе добиете порака со датумот на прекршокот и можност да ги добиете доказите лично или преку веб-страницата. Ако се докаже безобѕирно возење, возилото се конфискува. Точно ме прашуваат што ќе правиме со ‘Ферарито’ – ќе го дадеме на дечињата во градинка. Најважно е дека безобѕирните возачи ќе останат без своето возило“, изјави министерот.

На прашање за лиценцата за обновување на софтверот за анализа на дигитални податоци, за кој опозицијата обвини дека се користи за прислушкување, Тошковски нагласи дека софтверот е наменет исклучиво за форензика, односно за екстракција на податоци од мобилни уреди.

„Софтверот е донација од меѓународни партнери во 2014-2015 година, а лиценцата за негово користење беше обновена во 2021 година од мојот претходник. Опозицијата сега шири лажни информации за наводно прислушување, што е апсолутно невистинито“, нагласи Тошковски.

Министерот се осврна и на неколку актуелни случаи поврзани со бегства на поранешни државни функционери. За поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е надвор од државата под образложение на службено патување, Тошковски изјави:

„Тоа службено патување предолго трае, но се надевам дека ќе заврши и ќе биде процесуиран од надлежните органи.“

Во врска со поранешните директори на ЕСМ и Државна лотарија, Васко Ковачевски и Перпарим Бајрами, министерот најави дека во иднина ќе има сè повеќе лица кои ќе одговараат за, како што рече, „душманско и без осет крадење од македонскиот народ“.

На прашање за конфликтот меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, Тошковски изјави дека досега во МВР не е пристигната официјална пријава за закани од страна на Арсовска. Сепак, тој потенцира дека доколку се поднесе пријава, МВР ќе преземе соодветни мерки.

„Постапуваме по пријави од надлежни органи и јавни обвинители, без разлика дали се работи за Општина Чаир или која било друга општина. Добро е кога некој ја работи својата работа како што треба – уште подобро би било кога тоа би го правеле во текот на целиот мандат, а не само пред избори“, додаде Тошковски.

CATEGORIES
Share This