ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКА Добитничка на Рациновото признание за 2025 година
Организаторот на Рациновите средби, Општина Велес, информира дека Субиото ќе присуствува лично на свеченоста и ќе го прими признанието за нејзиниот исклучителен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и литература во светот.

Оливера Ќорвезироска е добитничка на престижната награда „Рациново признание“ за 2025 година за прозното дело „Три Марии“, објавено во издание на „Арс Ламина“. Признанието ќе ѝ биде врачено на 12 јуни, на свеченото отворање на 62. Рацинови средби, што ќе се одржи на сцената на Театарот во Велес. Наградата се состои од плакета и паричен износ од илјада евра во денарска противвредност.
Како што беше истакнато на денешната прес-конференција од страна на Илија Велев, претседател на Комисијата за избор на добитник на признанието, на годинешниот конкурс биле пријавени 22 новообјавени прозни дела, од кои во потесен избор влегле пет. За изборот, покрај Велев, одлучувале и проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова и м-р Игор Крајчев.
„Три Марии“ е дело кое текстолошки и структурно премостува три засебни повести за три жени-– Пребирлиева, Зара и Деспотовска-Солев. Авторката го дефинира како „роман басма“, при што преку симболиката на бројот три се гради повеќеслоен и динамичен наратив, со по три последователно нумерирани потпоглавја за секоја од трите Марии“, појасни Велев.
Почесното Рациново признание годинава ѝ се доделува на проф. д-р Намита Субиото од Словенија, вонреден професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Таа ќе го прими признанието на 14 јуни во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес. Наградата се состои од уметничка слика и плакета.
Членката на жири-комисијата Снежана Бошевска посочи дека Субиото е истакната научничка и педагог, која од 2004 година раководи со Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана. Нејзините истражувачки интереси опфаќаат современа македонска книжевност, македонско-словенечки книжевни и културни врски, книжевен превод и методика на настава.
Субиото е активна членка на уредништвата на меѓународни славистички списанија и добитничка на бројни признанија, меѓу кои и признанието „Блаже Конески“ од МАНУ (2009) и награда за натпросечна педагошка и научна работа од Универзитетот во Љубљана (2022).
Како книжевна преведувачка, од македонски на словенечки јазик има преведено дела од 17 македонски автори, меѓу кои се Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Венко Андоновски, Влада Урошевиќ и други. Исто така, таа активно соработува со македонските културни друштва во Словенија, а минатата година беше назначена за главен уредник на новата книжевна едиција „Македонска култура“.
Организаторот на Рациновите средби, Општина Велес, информира дека Субиото ќе присуствува лично на свеченоста и ќе го прими признанието за нејзиниот исклучителен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик и литература во светот.


