МИЦКОСКИ НА КОНЗЕРВАТИВЕН СОБИР ВО УНГАРИЈА Македонија нема да се откаже од својот идентитет
Во својот говор на најголемиот светски собир на конзервативни лидери, Мицкоски посочи три основни конзервативни вредности - Бог, татковината и семејството.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на конференцијата CРАС во Будимпешта ја истакна важноста на патриотизмот како клучен пат кон просперитетна иднина. Тој порача дека патриотизмот не е ретроградна идеја, туку суштинска вредност која треба да се негува и брани.
Во својот говор на најголемиот светски собир на конзервативни лидери, Мицкоски посочи три основни конзервативни вредности – Бог, татковината и семејството.
„Денеска, на оваа престижна меѓународна платформа, се собираме како носители на заеднички идеали кои ја одбележаа историјата на човештвото“, рече тој, потенцирајќи ја важноста на духовноста и верноста кон вечните вредности.
Премиерот нагласи дека Македонија не се откажала од својот национален идентитет, кој е повеќе од географски поим, туку живо ткиво изградено од традиција, историја и стремежи.
„Татковината не се менува, не се напушта и не се продава. Таа се брани и се гради“, подвлече Мицкоски, изразувајќи благодарност за поддршката од стратешките партнери, особено од Унгарија.
Особено внимание посвети на улогата на традиционалното семејство како основна клетка на општеството, потенцирајќи ја неговата светост и неопходноста за негово зачувување во време кога се обидуваат да го редефинираат.
„Секое општество е силно колку што се силни нејзините семејства“, рече премиерот.
Мицкоски му изрази благодарност на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој според него е редок европски лидер што промовира јасна и цврста политика. Тој го поздрави и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кого го опиша како политичар што води политика на раст и враќање на надежта.
За време на посетата на Будимпешта, Мицкоски оствари и билатерална средба со Орбан, зајакнувајќи ја соработката помеѓу двете земји и конзервативните политики во Европа.
да потсетиме, вчера и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на конзервативната CPAC конференција во Будимпешта упати пофални зборови за својот македонски колега, Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „чуварот на тврдина“.
„Нашиот македонски херој Христијан Мицкоски победи на изборите, иако цел Брисел го поддржуваше неговиот противник. Тој е чуварот на тврдина која ја штити европската јужна граница од миграцијата. Да живее Македонија“, изјави Орбан на отворањето на големата конференција на европски и американски конзервативци.
Покрај Орбан и Мицкоски, на настанот учествуваат и повеќе високи политички личности, меѓу кои словачкиот премиер Роберт Фицо, грузискиот премиер Иракли Кобахидзе, поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш, полскиот премиер Матеуш Моравиецки, како и германската политичарка Алис Вајдел. Во видео порака беше прикажано и обраќањето на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Меѓу другите гости се и американските десничарски јавни личности Бен Шапиро, Џек Пособиец и Дејвид Рубин.
Блиската соработка меѓу Орбан и Мицкоски започна пред неколку години, кога Мицкоски во 2022 година беше дел од изборниот штаб на унгарската партија ФИДЕС. По изборната победа на Орбан, Мицкоски му посака „голема победа“ и „многу успех“ во четвртиот премиерски мандат, споделувајќи селфи фотографија со него.
На 18 мај 2023 година, Мицкоски и Орбан се сретнаа во Брдо, Словенија, каде разговараа за евроинтеграциите на Македонија и за поддршката во изготвувањето на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата присуствуваа и на состанокот на Центристичката демократска интернационала, чиј член е и унгарската партија ФИДЕС, како и ВМРО-ДПМНЕ.


