ОД АМБАСАДОР ДО МИТРОПОЛИТ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ Гнев кај верниците, во сабота протест

Со тоа, Георгиј за само 16 дена по замонашувањето може да стане новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија - нешто што многумина го сметаат за преседан.

ОД АМБАСАДОР ДО МИТРОПОЛИТ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ Гнев кај верниците, во сабота протест
Фото: Национал

Македонската православна црква – Охридска архиепископија се соочува со сериозна внатрешна турбуленција поради најавениот избор на нов митрополит за Дебарско-кичевската епархија. Решението на архиепископот г.г. Стефан да го предложи неодамна замонашениот Ѓоко Ѓоргевски, поранешен амбасадор на Македонија во Ватикан, за нов митрополит, предизвика остра реакција кај дел од верниците и духовенството.

Ѓоргевски, кој на 27 мај се замонаши под монашкото име Георгиј, само за два дена беше унапреден во јероѓакон, потоа и во јеромонах. Архиепископот Стефан веќе го испратил неговиот предлог до членовите на Синодот, а изборната седница е закажана за 12 јуни. Со тоа, Георгиј за само 16 дена по замонашувањето може да стане новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија – нешто што многумина го сметаат за преседан.

Особено бурни реакции доаѓаат од поддржувачите на епископот Антаниски, отец Партениј од Бигорскиот манастир, кој повеќе од три децении е активен во монашкиот живот и е еден од најпочитуваните духовници во земјата. Поддржувачи на Партениј, но и верници од неколку градови низ Македонија, организираат мирен протест под мотото „Гласот на народот – глас на Бога“, кој ќе се одржи утре, сабота, на 31 мај од 12 часот, пред резиденцијата на архиепископот во скопскиот Криви Дол.

Во соопштението на организаторите се вели:

„Црквата е народот, а народот има свој кандидат! Зачудува фактот дека за избор на нов митрополит се предлага само еден кандидат. Избор со еден кандидат не е избор – тоа е наметнување. Особено ако тој не е викарниот епископ Антаниски со три децении искуство во монашкиот живот!“

Протестот е најавен како мирен народен собир, но сигнализира сериозно незадоволство од внатрешниот процес на избор и начинот на одлучување во МПЦ-ОА. Ситуацијата го отвора прашањето за транспарентноста и вклученоста на поширокото свештенство и верници во клучните одлуки за иднината на црквата.

Синодот сега се соочува со предизвик – дали ќе го поддржи предлогот на архиепископот или ќе се соочи со притисокот од дел од верниците и духовенството кои бараат поголема отчетност и почит кон духовната традиција.

CATEGORIES
TAGS
Share This