АРСОВСКА ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО Реагирајте по пријавите за дивоградби во Чаир
Арсовска изјави дека дивоградбите се пријавени во најмалку 150 предмети, во кои, според неа, се документирани незаконски дејствија поврзани со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска упати јавен повик до Јавното обвинителство да постапи по пријавите за наводни дивоградби во скопската општина Чаир. Таа преку својот Фејсбук профил потсети дека институцијата има обврска да реагира по допрен глас, непосредно забележување или писмена пријава, додавајќи дека досега Обвинителството било информирано на сите три начина, но сепак не презело никакви активности.
Арсовска изјави дека дивоградбите се пријавени во најмалку 150 предмети, во кои, според неа, се документирани незаконски дејствија поврзани со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Таа го обвини Обвинителството дека досега дејствувало како „политички промотор на власта“ и побара институциите да постапуваат професионално и без политички влијанија.
Во одбрана на Ганиу застана вицепремиерот и негов претходник, Арбер Адеми, кој најави кривична пријава против Арсовска поради, како што рече, пласирање дезинформации дека објектот пред кој таа се фотографираше е дивоградба.
Инцидентот доби дополнителна димензија откако синоќа граѓани од Чаир, предводени од градоначалникот Ганиу, организираа герила акција и пред седиштето на Град Скопје симболично исфрлија ѓубре собрано од улиците на Старата чаршија. Настанот помина без инциденти и без присуство на полиција.
„Ова е екоцид што му се прави на нашиот народ. Ние сме затрупани во отпад. Но, нема така да остане. Народот ќе реагира, бидејќи сме даночни обврзници и заслужуваме одговор“, изјави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
По акцијата, Арсовска пристигна пред Град Скопје, јавно прашувајќи каде исчезнал Ганиу и зошто не ја почекал.
Препукувањата меѓу локалните власти продолжуваат, а јавноста останува во исчекување на евентуални реакции од страна на надлежните институции.


