СУДСКИОТ СОВЕТ ГО РАЗРЕШИ СУДИЈАТА БЕЏЕТИ Ќе одговара ли кривично за застарување на делата на Мијалков
Останува да се види дали разрешувањето ќе резултира со конкретни обвиненија и судски процес, и дали ова ќе биде пресвртна точка во справувањето со судиската корупција во земјата.

Со девет гласа „за“, Судскиот совет го разреши апелациониот судија Енвер Беџети, кој од декември минатата година се наоѓа на црната листа на Стејт департментот на САД како корумпиран функционер. Од март годинава, Беџети не се појавуваше на повиците на комисијата на Судскиот совет за да даде исказ во постапката за негово разрешување, оправдувајќи се дека е болен.
Против него се води истрага од Основното јавно обвинителство – Скопје, каде се испитуваат сомневања за коруптивни дејствија и трговија со влијание, согласно наводите што беа истакнати од американските власти.
Во јануари 2023 година, комисијата на Судскиот совет утврди дека Беџети свесно го чувал во фиока предметот за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, со цел да го застаре. Поради тоа, во ноември истата година беше казнет со намалување од 20 проценти од платата.
И покрај сериозните индиции за нестручно и несовесно работење, како и спречување на правдата, Судскиот совет подолг период не преземаше мерки против судијата. Беџети важеше за заштитен кадар на дел од членовите на Советот, особено на Селим Адеми, кој во април 2023 година организираше пуч во Советот и ја разреши тогашната претседателка Весна Дамева, која настојуваше случајот на Беџети да се стави на дневен ред. По неколку месеци, Управниот суд ја врати Дамева на функцијата, но Адеми не беше санкциониран за незаконските дејствија.
Во меѓувреме, Беџети продолжи да суди во Апелациониот суд и дури аплицираше за функција во Врховниот суд. Откако не беше избран, неговите поддржувачи во Советот, како одмазда, го блокираа изборот на македонски судии-кривичари, и покрај сериозниот недостиг на кадар во Врховниот суд.
Фактот дека Беџети држел предмети во фиока со месеци меѓу кои и „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување и „Транспортер“ за ексградоначалникот на Битола Владимир Талески – го предизвика алармот во јавноста. Истрагата покажа дека токму за време додека предметот „Транспортер“ стоел кај него над две години, обвинетиот Талески продолжувал да прима плата како актер, иако бил во куќен притвор.
Случајот на Беџети доби сериозна медиумска експонираност, благодарение на истрајното пријавување од страна на новинари кои секојдневно алармираа кај институциите. Доколку не беше тој јавен притисок, Судскиот совет веројатно никогаш немаше да изврши контрола врз неговото работење.
Со вчерашното гласање, деветмина членови на Советот – откако беа изземени иницијаторот на постапката, тројцата членови на комисијата, како и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда кои немаат право на глас – конечно го разрешија судијата Енвер Беџети.
Останува да се види дали разрешувањето ќе резултира со конкретни обвиненија и судски процес, и дали ова ќе биде пресвртна точка во справувањето со судиската корупција во земјата.


