АКЦИИТЕ НА АЛТА БАНКА УТРЕ ОДАТ НА ПРОДАЖБА Ако нема купувач, цената паѓа за 10 проценти дневно

Народната банка нуди 372.742 акции со почетна вкупна вредност од околу 22,9 милиони евра, по принципот „сè или ништо“.

АКЦИИТЕ НА АЛТА БАНКА УТРЕ ОДАТ НА ПРОДАЖБА Ако нема купувач, цената паѓа за 10 проценти дневно
Фото: Национал

Македонската берза објави дека на 30 ноември 2026 година, понеделник, ќе се одржи јавна берзанска аукција на која Народната банка на Република Северна Македонија ќе понуди на продажба пакет од 372.742 обични акции на Алта банка АД Битола.

Продажбата ќе се реализира според моделот „сè или ништо“, што значи дека предмет на продажба е целиот пакет акции, а не поединечни делови. Почетната продажна цена е утврдена на 3.777 денари за една акција.

Доколку на првата аукција не биде склучена трансакција, продажбата ќе продолжи на 1, 2, 3, 4 и 7 декември. Посебно внимание привлекува условот според кој почетната продажна цена на секоја наредна аукција ќе биде намалена за 10 проценти во однос на цената од претходниот ден на одржување на аукцијата. Тоа значи дека доколку нема заинтересиран купувач на почетната цена, пакетот ќе се нуди по сè пониски цени.

Со почетна цена од 3.777 денари за акција и вкупно 372.742 акции, почетната вредност на целиот пакет изнесува околу 1,408 милијарди денари, односно приближно 22,9 милиони евра.

Купувачите мора да исполнат посебни услови. Пред сè, потребно е да имаат претходно добиена согласност од Извршниот одбор на Народната банка за стекнување својство на акционер со квалификувано учество во банката, согласно Законот за банките. Дополнително, заинтересираните купувачи треба да поднесат писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата за купување на акциите.

Купопродажбата ќе се врши со плаќање во готово, додека внесувањето на куповните цени на берзанската аукција ќе се одвива во периодот од 14:15 до 15:15 часот. Порамнувањето на склучените трансакции ќе се изврши на вториот работен ден по нивното склучување, односно според принципот Т+2.

САМО ЕДЕН КУПУВАЧ Е ДОВОЛЕН Комерцијална банка влегува во трката за Алта банка

CATEGORIES
Share This