АЛБАНСКО ЗНАМЕ НА ПОЛИЦИСКО ВОЗИЛО – МВР го идентификуваше лицето, најавен е поднесок

Лицето е повикано на разговор во полициска станица во присуство на родител, а по целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок

АЛБАНСКО ЗНАМЕ НА ПОЛИЦИСКО ВОЗИЛО – МВР го идентификуваше лицето, најавен е поднесок
Фото: Принтскрин

Министерството за внатрешни работи го утврдило идентитетот на лицето кое за време на прославата на Денот на албанското знаме во Тетово постави албанско знаме на полициско возило. Од МВР информираат дека лицето е идентификувано по преземените мерки на подрачјето на СВР Тетово и е повикано на разговор во полициска станица, во присуство на родител. По целосното расчистување и документирање на случајот, полицијата најавува дека ќе следува соодветен поднесок.

Вкупно 13 нарушувања на јавниот ред и мир биле регистрирани за време на прославата на Денот на албанското знаме во Скопје, Тетово, Охрид и Куманово. Според информациите од МВР, три лица биле лишени од слобода, поднесени се две кривични пријави, а изготвени се и 10 записници за прекршоци.

Најмногу инциденти, вкупно седум, биле регистрирани во Скопје. Станува збор за случаи на отстранување или оштетување државни симболи, непристојно однесување и сообраќајни прекршоци. Поднесена е кривична пријава против дете за безобѕирно управување со моторно возило, а две лица биле лишени од слобода.

Во Тетово биле евидентирани два настани во кои деца употребувале пиротехнички средства, како и случајот со поставувањето албанско знаме на полициското возило. Во Кичево, на градскиот плоштад биле поставени албански знамиња, додека во училиште во Струга биле истакнати албански знамиња без македонското државно знаме.

Инцидент бил регистриран и во Куманово, каде што за време на дефиле со возила полицијата кај едно лице пронашла пиштол „Црвена Застава“, со рамка и пет куршуми. Лицето било лишено од слобода, а против него се преземаат мерки поради сомнение за недозволено поседување оружје.

Од МВР соопштуваат дека продолжуваат со преземање мерки за целосно расчистување и документирање на сите регистрирани случаи.

CATEGORIES
Share This