ЕСКАЛИРАА ПРОТЕСТИТЕ ВО АЛБАНИЈА Се кршеа министерства, полицијата употреби гумени куршуми
Илјадници демонстранти излегоа на улиците барајќи промени и оставка од премиерот Еди Рама. Нападнати се неколку државни институции, а во судирите со полицијата повредени се осум лица, меѓу кои и новинари.

Илјадници граѓани излегоа на улиците на албанската престолнина во рамки на антивладините протести, кои ескалираа во насилни судири со полицијата. Маскирани демонстранти нападнаа неколку државни институции, кршеа прозорци и фрлаа камења, димни бомби и петарди, а во полициската интервенција беа употребени солзавец, водени топови и гумени куршуми.
Најмалку осум лица се повредени во протестите во Тирана, меѓу кои еден полицаец и двајца новинари, соопшти албанското Министерство за здравство.
Илјадници луѓе се собраа во центарот на престолнината по повиците на студентски организации и опозициски партии за одржување национални демонстрации. Организаторите упатија повик и до Албанците кои живеат во странство да им се приклучат на протестите за време на викендот, кога земјата го одбележува Денот на независноста.
Според известувањето на новинар на француската новинска агенција АФП од местото на настанот, маскирани демонстранти кршеле прозорци на Министерството за транспорт и зградата на Централната банка, а се обиделе да ги скршат и влезните врати на Министерството за внатрешни работи.
Демонстрантите фрлале камења, димни бомби и петарди кон полициските кордони. Полицијата одговорила со солзавец и водени топови, а според новинарите на АФП, во најмалку еден случај биле употребени и гумени куршуми.
Судирите се најновата ескалација на антивладините протести кои со месеци ја потресуваат Албанија и често прераснуваат во насилни конфронтации меѓу демонстрантите и безбедносните сили.
Протестното движење, чиј лидер не е јавно познат, ги започна активностите во мај годинава со мирни собири против проектот за изградба на луксузен хотел во природен резерват. Проектот е поврзан со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп, што предизвика дополнително внимание во јавноста.
Во октомври, протестите добија пошироки политички димензии. Демонстрантите почнаа да ја критикуваат корупцијата, лошата состојба на здравствениот систем и недостигот од перспективи за младите во земјата. Истовремено, беа упатени барања за оставка на социјалистичкиот премиер Еди Рама, а протестите постепено прераснаа во насилни судири.
На крајот на октомври, албанската влада донесе законски измени со кои се предвидуваат парични казни до 500.000 леки, односно околу 6.170 долари, за насилство, грабежи и прикривање на идентитетот за време на демонстрации. Со законските измени полицијата доби и овластувања привремено да ги ограничува јавните собири во близина на државните институции, како и да казнува онлајн поттикнување насилство.
По воведувањето на овие мерки, одзивот на протестите се намалил, но најновите случувања во Тирана покажуваат дека незадоволството и понатаму е присутно, а политичката криза во Албанија продолжува.

