ПРОТИВ ШТО БИ ПРОТЕСТИРАЛЕ Јаневска со порака до студентите за студентскиот оброк
Министерката за образование вели дека нема причина за незадоволство од предложените измени и најавува брзо решение.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска не гледа причина студентите да протестираат поради најавените измени поврзани со студентскиот оброк, оценувајќи дека со новото решение државата им нуди повеќе од она што го добиваат во моментов.
Коментарот следува по најавите за студентски протест, а Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања за време на натпреварот за бизнис-идеи на средношколци, порача дека правото на протест е загарантирано, но не гледа основа за незадоволство.
„Правото на протест е загарантирано, но јас навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката“, изјави Јаневска.
Таа информираше дека веќе е формирана работна група која работи на решенијата за студентскиот оброк и дека активностите се одвиваат со засилено темпо. Според министерката, Министерството е во комуникација со релевантните студентски собранија, а очекува наскоро да биде постигнато решение.
„Формирана е работната група, многу брзо се развива проектот. Заинтересирани сме брзо да се развие проектот. Во комуникација сум со релевантните студентски собранија и мислам дека немаме проблем и дека многу брзо ќе дојдеме до решението“, нагласи Јаневска.
Министерката додаде дека Министерството континуирано работи на подобрување на студентскиот стандард, преку инвестиции во студентските домови, поддршка на научноистражувачката дејност и други мерки насочени кон младите.

