ПЕТ СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ВО МАКЕДОНИЈА Ја терал да оди со други мажи и да му ги предава парите од питачење
Вознемирувачки полициски билтен од Тетово, Охрид, Кочани, Неготино и Прилеп. Пријавени се физички напади врз жени, закани и насилство врз малолетно дете.

Пет случаи на семејно насилство во неколку градови низ Македонија регистрирала полицијата. Меѓу пријавените случаи има физички напади врз сопруги, принудување жена да питачи и да ги предава заработените пари, закани, но и напад врз малолетно дете со метален предмет.
Особено вознемирувачки е случајот во Тетово, каде што 40-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека ја малтретирал својата 27-годишна вонбрачна сопруга и ја принудувал да оди со други мажи, а дома да се враќа само со пари.
Според пријавата до полицијата, жената била принудувана да питачи, а парите што ги добивала морала да му ги предава на партнерот. За случајот бил известен Центарот за социјални работи, кој ќе се погрижи за нејзиното соодветно сместување. Против осомничениот ќе следува соодветна пријава.
Во Охрид, 19-годишна жена пријавила дека била физички нападната во домот на нејзиниот невенчан сопруг. Според пријавата, во нападот учествувале и неговите родители. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Семејно насилство е пријавено и во Кочани, каде што против 33-годишен жител е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста. Тој е осомничен дека физички ја нападнал сопругата и ѝ упатувал закани.
Во Неготино, полицијата привела 42-годишен маж по пријава дека го нападнал својот малолетен син, при што употребил метален предмет. За настанот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.
Уште еден случај е регистриран во Прилеп, каде што бил лишен од слобода 30-годишен жител на кривогаштанско село. Тој бил пријавен за упатување закани кон својата 19-годишна сопруга.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите случаи, по што против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

