ВНИМАНИЕ ВОЗАЧИ Магла со видливост до 100 метри на Стража, Плетвар и уште неколку патишта
Слаби врнежи од снег има кон Попова Шапка, коловозите се влажни, а од „Македонија пат“ предупредуваат и на можни одрони. Сите патни правци засега се проодни.

Магла со видливост до само 100 метри, влажни коловози и слаби врнежи од снег ја отежнуваат возачката состојба на повеќе патни правци низ Македонија. Посебна внимателност се препорачува на Стража, Плетвар, Маврово и кон Попова Шапка.
Од ЈП „Македонија пат“ информираат дека сообраќајот на државните и регионалните патишта се одвива непречено, но коловозите се влажни, а на одредени делници маглата значително ја намалува видливоста.
Намалена видливост до 100 метри поради магла е регистрирана на планинскиот премин Плетвар, на патниот правец Гостивар – Кичево преку Стража, на делницата Маврово – Дебар, како и на патот Крива Паланка – граничниот премин Деве Баир.
Слаби врнежи од снег има на патниот правец кон Попова Шапка, поточно на делницата од селото Лисец до Попова Шапка.
Од претпријатието информираат дека сите патни правци се проодни, а дежурните екипи се постојано на терен со расположливата механизација за расчистување на снегот и одржување на патиштата.
Екипи се распоредени и на критичните планински превои, а обезбедени се доволни количества сол и ризла за одржување на безбедноста во сообраќајот.
Возачите дополнително се предупредуваат дека на патиштата што минуваат низ усеци и клисури постои можност за појава на поситни одрони.
Од „Македонија пат“ апелираат до учесниците во сообраќајот да возат внимателно, да ја почитуваат сигнализацијата, да ја приспособат брзината на условите на патот и задолжително да поседуваат зимска опрема.
За информации за состојбата на патиштата, граѓаните можат да се јават на дежурниот телефон 02 25 61 502.

