РОКАС ОТКРИ ШТО ПОДГОТВУВА ЕУ ЗА МАКЕДОНИЈА Две конференции во еден ден, но има уште три услови

Евроамбасадорот најави дека ЕУ има цел веднаш по усвојувањето на уставните измени да го отвори и првиот преговарачки кластер „Темели“, но за тоа мора да бидат одобрени уште три документи.

РОКАС ОТКРИ ШТО ПОДГОТВУВА ЕУ ЗА МАКЕДОНИЈА Две конференции во еден ден, но има уште три услови
Фото: Принтскрин

Европската Унија има цел веднаш по усвојувањето на уставните измени да одржи две меѓувладини конференции со Северна Македонија во ист ден – со првата официјално да се заокружи отворањето на пристапните преговори, а со втората да се отвори првиот преговарачки кластер „Темели“, најави евроамбасадорот Михалис Рокас во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

За отворање на кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права, неопходно е претходно да бидат подготвени и одобрени три документи: патоказот за реформа на јавната администрација, патоказот за владеење на правото и Акцискиот план за малцинствата. Рокас информира дека патоказот за јавната администрација е практично завршен, додека на другите два документа сè уште се работи, но консултациите се одвиваат добро.

Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски за предвидливост на европскиот процес пред да се пристапи кон уставните измени, Рокас посочи дека Преговарачката рамка е веќе договорена од сите земји членки и дека таа ги утврдува правилата за напредување. Сепак, нагласи дека за секој следен чекор е потребна едногласност од членките на Унијата, поради што ЕУ може да понуди јасност во постапката, но не и гаранција дека нема да има нови прашања во текот на преговорите.

Евроамбасадорот потврди дека протоколите поврзани со Договорот за добрососедство со Бугарија се споменуваат во Преговарачката рамка и дека од двете страни се очекува договорите да ги спроведуваат во добра верба. Во врска со можноста Бугарија да постави ново вето поради несогласувања во Заедничката историска комисија, Рокас не сакаше да шпекулира, но порача дека историските прашања треба да им се остават на историчарите.

Тој предупреди дека во пристапните преговори може да се појават и прашања што претходно не биле предвидени, посочувајќи го како пример спорот меѓу Хрватска и Црна Гора. Според него, напредокот во реформите, борбата против корупцијата и владеењето на правото, заедно со конструктивниот дијалог со соседите, се важни за придвижување на процесот.

Рокас се осврна и на реформите од Планот за раст, при што откри дека околу десетина мерки се наоѓаат во дополнителниот рок за исполнување, од кои три или четири се од областа на владеењето на правото. Меѓу нив е и прашањето за финансирањето на судството и Јавното обвинителство, кои, според него, добиваат помалку од половина од средствата што им следуваат. Тој посочи и дека во судовите недостига кадар, со околу 40 проценти непополнети работни места.

Како дополнителна конкретна придобивка од европската интеграција, евроамбасадорот ја најави можноста за укинување на роаминг-тарифите меѓу ЕУ и Северна Македонија, како и останатите земји од Западен Балкан. Според неговата процена, користењето роаминг по домашни цени би можело да стане достапно до средината на 2027 година или нешто подоцна. Оваа мерка е дел од постепената интеграција што ја овозможува Планот за раст, во кој за Северна Македонија се предвидени и 750 милиони евра.

CATEGORIES
TAGS
Share This